На годинашното 6-то по ред издание на Демирхисарската летна школа 2023 што се одржува во организација и под покровителство на Општина Демир Хисар и Манастирот Св. Јован Претеча Слепче, учеството го потврдија најпознати државни научни институции од областа на историјата, историјата на уметност, архитектурата, теологијата, археологијата и дизајнот.
Засега е потврдено учеството на прифесори – предавачи, додипломци, постдипломци и докторанди од следниве научни и високообразовни институции:
- Центар за истражување на културното наследство „Цветан Грозданов“ при Македонската академија на науките и уметностите –МАНУ ,
- Архитектонски факултет при УКИМ,
- Филозофски факултет при УКИМ (Институт за историја и Институт за археологија),
- Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер при УКИМ,
- Православен богословски факултет „Св. Климент Охридски“ Скопје,
- НУ Историски музеј Крушево и
- Гимназијата „Јосип Броз Тито“ Скопје (активни професори по историја).
Школата ќе започне со работа на 7ми јули, Иванден, а ќе трае до 12ти јули, Петровден.
Свеченото отворање ќе се одржи пред манастирската црква Св. Јован Претеча.
Според програмскиот концепт на Школата што првпат започна со работа во 2017 година, како предавачи традиционално се ангажираат академици од МАНУ, како и најпознатите и најпризнати домашни експерти од областа на историјата, археологијата, историјата на уметност, теологијата, архитектурата и други научни дисциплини. Повремено и зависно од потребите и проценките на Научниот одбор, се ангажираат експерти од други научни области како и странски експерти (Србија, Украина, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција и др.)
Научниот раководител на Школата, проф. д-р Сашо Цветковски најави дека на годинашново 6то издание на школата, предавачи ќе бидат проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, редовен професор на Институтот по историја при Филозофскиот факултет на УКУМ, проф. д-р Елизабета Касапова, професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, проф. д-р Виктор Лилчиќ, професор на Институтот за археологија при Филозофскиот факултет на УКИМ, а деновиве ќе бидат познати и имињата на предавачите од Православниот богословски факултет и Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериери. До средината на неделава ќе бидат објавени и други имиња на познати експерти кои ќе одржат предавања од соодветни научни области.
Сите предавања ќе бидат отворени за јавноста, а ќе се одржуваат во просториите на Домот на културата „Илинден“, претежно во попладневните часови.
Според програмата на годинашната Школа, последниот ден, 12ти јули, учесниците ќе го посетат селото Света, родното место на Ѓорѓи Ралев Скршениот и ќе учествуваат на традиционалното „Петровденско чествување во спомен на свеќанските револуционери“. На црковно-народниот собир, пред присутните ќе говори познатиот македонски историчар, проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, редовен професор на Филозофскиот факултет при УКИМ, како и други историчари – учесници на Школата. Се очекува јавно да бидат презентирани и промовирани нови научни сознанија за борбените дејствија во демирхисарскиот крај, како и револуционерните активности и подвизи на борците од ова село.
Еден ден, учесниците на Школата ќе го посетат селото и во дворот на црквата Св. Петка ќе одржат претпладневна сесија.
