Ние со Хрватска заедно го почнавме пристапувањето во Европската Унија во 2006 година, денес таа е земја членка на Унијата, а ние сè уште имаме политичари кои велат дека треба да се почека, вели премиерот Димитар Ковачевски во интервју за МИА од Атина.
Доколку не носиме одлуки и имаме политичари кои велат дека треба да се чека, според Ковачевски, земјата ризикува да заостане во евроинтегративниот процес и да се најде во друштво на Босна и Херцеговина и Косово.
„Ќе се случи и Црна Гора и Албанија да отидат пред нас и на крај единствено ќе останеме во друштвото на Босна и Херцеговина и Косово. Северна Македонија не смее да остане во друштво на Босна и Херцеговина и Косово, тоа се држави кои имаат проблеми во дефинирањето на државите сè уште и нашите деца не заслужуваат да бидат во тоа друштво во поглед на европските интеграции. Затоа одлуките ни се потребни сега, заради иднината и на сегашните и на идните генерации“ – смета Ковачевски.
На прашањето дали постои план „Б“, бидејќи опозицијата цврсто стои на ставот дека нема да поддржи уставни измени, Ковачевски без прецизен одговор.
