Откако првиот регулатор алармираше дека без државна помош, фактурите за парно ќе бидат екстремно високи, премиерот денеска рече дека Владата и зимава ќе го субвенционира снабдувањето со топлинска енергија.
„Во Буџетот има одвоено 250 милиони евра за антикризни мерки, а една од нив е и субвенционирање на парното греење во Скопје. Ќе ги видиме пресметките кои ги дале компаниите кои учествуваат во производството и дистрибуцијата и проценките за движење на цената на гасот и на другите енергенси од кои се произведува топлинската енергија и соодветно на тоа Владата ќе направи субвенционирање со цел да нема ценовен шок за граѓаните исто како и минатата година“ – Димитар Ковачевски, премиер
Ако регулаторна ги прифати барањата на компаниите, парното би поскапело за над 50%. Пресметките се кројат, а конечната цена наместо во август, ќе се знае на крајот на септември.
„Подневнените барања се исклучително комплексни затоа што станува збор за година во која имавме миграција на лиценци и прогласна криза состојба. Дополнително, цената на гасот драстично варира и предвидливоста би била попрецизна кога одлуката би се донела пред грејната сезона. Неизвесноста се уште е присутна, но се следи состојбата“, велат од РКЕ.
ЕСМ втора сезона ќе управува со парното греење. Откако БЕГ остана без лиценца, на огласот за топловодната мрежа не се пријави акционерското друштво за енергетика на Град Скопје – ГЕС, кое беше формирано токму за оваа намена. Сите вработени во претпријатието си дадоа колективен отказ, оти со месеци не земаа плата. Ковачевски смета дека ако Владата не преземеше ништо, Скопје ќе останеше без парно.
„Тоа е обврска на градот Скопје. Тоа е обврска на опозицијата која се фалеше дека ќе го направи Скопје метропола, а денес погледнете какво е. Не може да се доправи ништо што е започнато и од таа причина планирам да го повикам раководството на Град Скопје за да разгледаме што можеме ние како Влада да помогнеме, бидејки граѓаните на Скопје заслужуваат да живеат во метропола, а не заслужуваат ВМРО-ДПМНЕ и нивниот кандидат да се караат секој ден кој бил во право“ – Димитар Ковачевски, премиер
Министерот за економија вчера во „Тема на денот“ на Сител рече дека откако ќе добијат пресметка колку чини производството на топлинска енергија и колку покрива посточеката цена, ќе се состане енергетскиот совет и таму ќе се носи соодветна одлука.
