Верниците од исламска вероисповед денеска го слават празникот Курбан Бајрам, вториот најголем празник на муслиманите по Фитр Бајрам. На првиот ден од празникот се изведува молитвата за Бајрам – Бајрам намаз, со која верниците бараат милост од Алах.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски по повод еден од најголемите верски празници, Курбан Бајрам упати честитки до поглаварот на Исламска Верска Заедница на Република Северна Македонија, реис-ул-улема хаџи хфз. Шаќир ефенди Фетаи, на членовите на Ријасетот и на муфтиствата, како и на сите припадници на исламската вероисповед.
Премиерот порача овие празнични денови да поминат во мир, љубов и радост во домовите.
„Нека овој ден нè зближи уште повеќе во нашите заеднички напори за промоција на демократските и европски вредности во духот на мултикултурализмот, по што сме препознатливи во светот. Како што овој празник се одбележува преку сплотеноста на заедничката трпеза во кругот на семејството, роднините и пријателите, така да бидеме сплотени на нашиот пат кон приклучувањето во големото европско семејство“, потенцира премиерот Ковачевски во неговата честитка упатена по повод празникот Курбан Бајрам.

И Претседателот Стево Пендаровски, по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам, упати честитка.

Дозволете ми на сите граѓани од исламска вероисповед во Република Северна Македонија да Ви упатам најсрдечни честитки по повод празникот Курбан бајрам.
Ви посакувам празничните денови да ги поминете во слога, хармонија и благосостојба помагајќи им на сите на кои им е потребна помош, поткрепа и разбирање. Курбан бајрам, празникот кој се темели на солидарноста и дарежливоста, нека биде поттик на сите граѓани за заедничко надминување на предизвици во нашето мултиетничко општество.
Во духот на празникот Курбан бајрам, да продолжиме да ја градиме нашата држава на темелите на разбирањето, соживотот и грижата за другиот.
Честит Курбан бајрам
Стои во честитката на Претседатлот.
