Десетмина вработени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје се ставени под здравствен надзор, откако биле во контакт со 27-годишната жена од штипското село Кучица која почина откако се зарази со конго-кримска хеморагична треска по убод од крлеж. Една од болничарките на Инфективна клиника е позитивна на конго-кримска хеморагична треска и е хоспитализирана на клиниката каде што работи.
„Државниот санитарен и здравствен инспекторат нема информација дека освен лицето вработено во оваа здравствена установа на работно место болничар има друг вработен, позитивен за конго-кримска хеморагична треска. Под здравствен надзор во времетраење од 14 дена се ставени и 10 лица вработени во ЈЗУ КБ Штип и 4 лица вработени во ЈЗУ Здравствен дом Штип, Служба за итна медицинска помош“, велат од ДСЗИ за „Слободен печат“.
Должината на периодот од заразување до појава на симптоми зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот е обично еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично пет до шест дена, со документирани максимум 14 дена.
Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето, се исто така присутни. Може да се јави жолтица, а во потешки случаи, промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модрици, како и крварење од носот. Закрепнувањето е бавно.
Стручен тим од Одделот за епидемиологија на заразни болести при Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија во соработка со надлежни епидемиолози од Центрите за јавно здравје на Штип и Скопје, направија теренско истражување во Клиничка болница Штип, Итна медицинска помош Штип и во семејството на сега почината жена. Стручен тим епидемиолози направија теренски увид и на КИБФС во Скопје. На сите овие локации, епидемиолозите направија пребарување на контактите нивно соодветно класифицирање на лица со висок ризик, лица со среден ризик и лица со низок ризик и лица без ризик. На сите идентификувани контакти проценети со ризик, им без издадени Решенија од Државниот здравствен и санитарен инспекторат и ставени се под 14-дневен здравствен надзор, спроведуван од надлежен Центар за јавно здравје.
