„Македонијо во срце те носиме“, проектот со потписот на Скендеровски продукција, содржи 12 родољубиви песни кои во ново руво ги спакува маестро Николче Мицевски.
Ова е приказна која трае безмалку две години и ќе биде заокружена на 7 декември, со голем концерт во Скопје.
Концертот е закажан во големата сала на Филхармонија во придружба на голем симфониски оркестар и под диригентската палка на Сашо Татарчевски.
Она што е ново, како што беше соопштено на денешната прес-конференција е дека освен веќе добро познатите 12 преработки на патриотски песни, публиката ќе има можност на сцената да види и да чуе уште три нови.
Промена во однос на имињата кои беа дел од турнејата, а во чии рамки се одржаа 18 концерти ширум земјава и еден за нашинците во дијаспората, нема да има, односно трите најавени нумери ќе бидат отпеани од некои од нив.
Со оглед на тоа дека маестро Николче Мицевски, кој ги потпишува сите преработки, а овој пат ќе биде задолжен и за оркестрациите, сѐ уште вредно работи, дополнително ќе бидат откриени детали околу тоа за кои нумери станува збор и кој ќе ги отпее на сцената на Филхармонија.
