На 1 ноември 2024 година, во 19:00 часот, Националната опера и балет во Скопје ќе биде домаќин на изложбата „Carra,“ новото дело на уметникот Бојан Ковски. Оваа изложба, инспирирана од незаборавната италијанска икона Рафаела Кара, ја претвора телесната уметност во живописен омаж на нејзината уметност и енергија. „Но, ова не е обична изложба. „Carra“ е експлозија на движења, бои и форми, каде телото станува платно, а секој потег – песна што не се слуша, туку гледа“.
Ковски преку „Carra“ ја истражува идејата за телото како живо платно, кое станува средство за изразување на емоции, ставови и естетски идеали. Во оваа изложба, ќе бидат претставени 12 body-art инсталации, секоја со уникатен визуелен идентитет, кои на 15 македонски модели ќе раскажуваат своја приказна. Тука ќе ги видиме и некои истакнати лица на македонската сцена – Антониа Гиговска, Калтрина Круезиу, Миа Араби, Александар Динев, Ведрана Ѓорѓевиќ и други – кои со своето присуство го обликуваат духот на изложбата.
