Традиционално МФФ Киненова претставува една кинематографија преку програмата „Фокус на…“ Оваа година тоа е за нас далечната, северна и студена земја, но според филмовите кои се прикажуваат на Киненова, прилично потентна кинематографија, финската, рече директорот на фестивалот Киненова, Небојша Јовановиќ при претставувањето на финската кинематографија на кое присуствуваше Претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова и амбасадорот на Финска во Македонија, Никлас Линдквист, како и бројни љубители на филмската уметност.
На овогодишното 9. издание на МФФ Киненова за прв пат е претставена финската современа кинематографија пред македонската публика. Покрај класикот Аки Каурисмаки, новата генерација фински синеасти започна да го освојува светот со своите интересни приказни од крајниот север на Европа.
На програмата се два феноменални филма од финските автори кои во последниве години освоија значајни награди и го освоија вниманието на светските фестивали: „Девојки“ и „Караоке рај“.
„Девојки“ во режија на Али Хапасало раскажува приказна за три млади жени кои се обидуваат да му пркосат на постојаниот зимски мрак во Финска и се движат меѓу соништата, реалноста, пријателството и врските, обидувајќи се да разберат сè. Улогите ги толкуваат: Аму Милоноф, Елеонора Кауханен, Линеа Леино.
