домаБЕШЕБЕШЕ - 31 ОКТОМВРИ 2023 ГОДИНА

БЕШЕ – 31 ОКТОМВРИ 2023 ГОДИНА

31 октомври
Починале:
На 31 Октомври 1898 починал Јосиф Ковачев македонски педагог, реформатор, револуционер, политичар и научник. Тој го основал првото Педагошко-богословско училиште во Македонија. Прв во македонските училишта го вовел и го распространил звучниот (гласовниот) метод во букварската настава, со што значително го олеснил процесот на почетното читање и пишување кај децата. Тој е постар брат на македонскиот револуционер Михаил Ковачев. На 30 – годишна возраст Јосиф ја напишал и ја подготвил за печат „Школска педагогија“, кој е прв учебник по педагогија во Македонија од македонски автор-педагог. На покана на Прилепската црковно-училишна општина, Јосиф Ковачев на 18 јули 1874 година станал учител на 4-годишното педагошко-богословско училиште во Прилеп, каде што останал до 1877 година. Во 1888 година, на новоотворената Виша школа во Софија тој бил назначен за професор по неколку педагошки предмети (Педагогија, Историја на педагогијата, Педагошка психологија).

Беше тоа на 31 Октомври 1912 година,кога со декрет на грчкиот крал Горгиос Први, Владата во Атина, за првпат во својата историја, воспостави времена управа на окупираните територии во Македонија. Оттогаш, Владата во Атина започнува континуиран и систематски процес на етничко чистење, егзодуси и геноцид врз Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Масакрирани се илјадници Македонци, запалени се стотици села и илјадници куќи, забранет е македонскиот јазик, илјадници Македонци се интернирани по островите и насилно протерани од Грција, запалени се и уништени стотици македонски православни цркви.

Беше тоа на 31 Октомври 1918 кога во селото Болно, Ресенско, е роден Димитар Богоевски – Мите, народен херој на Македонија, револуционер и поет. Поради својата револуционерна активност во 1940 година беше уапсен од српската полиција и затворен во Белград. Поради недостиг на докази беше пуштен. Во 1942 година, беше уапсен од бугарска полиција во Ресен. По суровото мачење е ослободен. Во 1942 година учествуваше во формирањето на НО партизански одред “Даме Груев”. Во месноста Долец, во Болонската Планина, Ресенско, во нерамноправна борба против бугарската окупаторска војска и полиција, не сакајќи жив да падне во рацете на окупаторот, се самоуби (заедно со неговиот другар, народниот херој Стефан Наумов – Стив) на 12 септември 1942 година.

На 31 Октомври 1937 извршено е осветувањето на градскиот водовод на Скопје.

Беше тоа на 31 Октомври 1992 кога во Скопје, во организација на Пионерскиот дом „Карпош“ од Скопје, почна Првиот детски фолк-фестивал „Плетенка“

На 31 Октомври 1999 во Република Македонија се одржаа третите претседателски избори. По прегласувањето во вториот круг, на 5 декември 1999 година, за претседател на Република Македонија е избран Борис Трајковски, втор претседател, по Киро Глигоров, по осамостојувањето на Република Македонија.

На 31 Октомври 1971 во Кавадарци е роден Сашко Гешовски, првата жртва од Македонија во воените конфликти кои избувнаа во 1991 година во некогашна СФРЈ. Дваесетгодишниот Гешовски бил застрелан на 6 мај 1991 година додека чувал стража во Военопоморската касарна во Сплит за време на демонстрациите од страна на поддржувачите на независноста на Хрватска. Во конфликтите кои започнаа во СФРЈ загинаа четириесетина македонски војници кои се најдоа во редовите на некогашната ЈНА.

Беше тоа на 31 Октомври 1980 кога во Белград умре Бане Андреев – Ронката, носител на „Партизанска споменица 1941“, учесник во напредното младинско движење, револуционер и до 1949 година партиски и државен раководител. Роден е во Велес, на 12 август 1905 година.
Беше тоа на 31 Октомври 2015 кога почина Томе Бошевски роден на 8 октомври 1937 година во Битола. Дипломирал на отсекот за техничка физика на Електро-техничкиот факултет во Белград во 1961 година. Од дипломирањето до 1974 година работел во Институтот „Борис Кидрич“ во Винча. Во 1974 година е избран за вонреден, а во 1979 година за редовен професор на Електро-техничкиот факултет во Скопје, а три мандати бил и декан на Факултетот. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран во 1988 година, а за редовен член во 1994 година. Академик Бошевски има објавено поголем број научни трудови и остварил учество на повеќе домашни и меѓународни конгреси и симпозиуми.

31 Октомври е Светски ден на штедењето

Ден 18 април 2025

00:01:17