домаБЕШЕБеше 30 јануари 2024

Беше 30 јануари 2024

30 јануари

Беше тоа на 30 Јануари 1830 кога е роден Григор Прличев истакнат македонски писател од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност од XIX век. Поетската творба Сердарот се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. Во последните години од својот живот целосно се посветил на својата татковина Македонија. Додека Прличев учителствувал Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“, низ клупите на оваа гимназија минале голем број на македонски револуционери и дејци: Пере Тошев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Петар Поп Арсов и бардот на македонскиот литературен јазик Крсте Петков Мисирков.

На 30 Јануари 1875 е роден Климент Шапкарев. Учи во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ и се зачленува во тајниот револуционерен кружок, заедно со Гоце Делчев и Петар Васков. Во1898 година ја извршува должноста пунктовен началник на Македонската револуционерна организација, организира транспорт на луѓе и оружје преку границата во Османлиското Царство. Пред почетокот на Првата балканска војна и заминува од Одрин за Бугарија каде се запишува како волонтер во 52-от пешадиски полк на бугарската армија, со кој се бори кај Одрин. За пројавената храброст е награден со крст. Во Втората балканска војна е во штабот на Македонско-одринското ополчение. Во пролетта 1941 година се населува во Битола, каде што исто така, предава во земјоделско училиште. Таму умира во 1949 година. Климент Шапкарев е автор на брошурата „Спомени и мисли за Гоце Делчев“.

Беше тоа на 30 Јануари 1878 кога во Ваташа е роден Дончо Лазаров Кавадаречко. Завршил педагошко училиште во Скопје. Бил назначен за учител во Тиквешко. Пред Тиквешкото востание се ангажирал околу подготовките на Организацијата и придонел во организирањето на илегална работилница во училиштето во Ваташа за изработка на облека за четниците. Учествувал и во нападот на чифликот на Азис ага, покрај селото Моклиште во 1903 година. По Првата светска војна се преселил во Петрич и работел во постојаната окружна комисија. Во 1921 година бил избран за градоначалник на Петрич. Во октомври 1928 година бил избран за член во една комисија за помирување на спротивставените страни во ВМРО, формирана од Илинденската организација. Во 1930 година бил избран за претседател на македонското друштво „Христо Матов“ во градот. Починал на 1950 година во Петрич, Бугарија.

На 30 Јануари 1909 Во Гостивар е родeн Харалампие Поленаковиќ, еден од основоположниците на историјата на македонската литература, истакнат македонски научен и културен работник, долгогодишен редовен професор на Филолошкиот факултет во Скопје и еден од првите членови на Македонската академија на науките и уметностите. Тој е автор на голем број трудови од областа на македонската уметност и народна литература, како и од областа на литературите на другите словенски народи. Неговиот научен опус опфаќа повеќе од 1.000 библиографски единици. Умре во Скопје, на 15 февруари 1984 година.

Беше тоа на 30 Јануари 1944 кога на планината Кожуф генералштабот на НОВ и партизанските одреди на Македонија и Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ одржуваат советување. Одлучено е што поскоро да се изберат делегати од сите народни одбори од Македонија и да се забрза со подготовките за свикување на АСНОМ.

На 30 Јануари 1951 во Битола почина Павел Шатев, македонски револуционер, родољуб и публицист, еден од легендарните солунски атентатори, наречени „гемиџии“, крунски сведок што остана да раскажува за она што се случуваше во Солун во 1903 година. Беше член на АСНОМ и министер за правосудство во првата македонска влада. Поради несогласувањето со повоената политика, беше отстранет од политичката сцена. Двапати осуден на смрт, преживеал и турски и бугарски затвор, а пострадал од своите Македонци. Човекот кој од млад анархист и солунски атентатор, прерасна во бриселски докторант и прв министер за правосудство на независна Македонија. Така, отфрлен од општеството за кое го беше потрошил сето свое битие, згасна животот на големиот револуционер, родољуб и разузнавач Павел Шатев.

Беше тоа на 30 Јануари 1970 кога е роден Васил Шишков македонски театарски, филмски и телевизиски глумец, син на Ристо Шишков. На 24 години дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Како професионален актер дебитирал, уште студент, на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп 1993, играјќи го Марко Крале во истоимената пиеса на Младен Србиновски. Веднаш по дипломирањето, 1994, станал член на драмскиот ансамбл на МНТ со кој, во текот на изминативе две децении, одиграл дваесеттина ролји. Гостувал и во театрите во Велес и Струмица. Играл во неколку македонски филмови и телевизиски драми.

На 30 Јануари 2000 почина Славко Јаневски, македонски писател, сценарист, и сликар. Во 1945 година излезе неговата прва книга поезија „Крвава низа“. Неговото книжевно дело е мошне богато и разновидно. Последното негово дело е романот „Депонија“, објавено во 2000 година. Роден е во Скопје на 11 јануари 1920 година.

Ден 18 април 2025

00:01:17