26 септември
Настани:
1371 Се одиграла Битката на Марица во која загинале Волкашин и Углеша Мрњавчевци, а синот на Волкашин, Крале Марко станал крал на Прилепското Кралство и турски вазал.
1967 Светиот Синод на Македонската Православна Црква донел одлука за отварање на Православна Богословија, средно образовен теолошки центар. На почетокот Богословијата била сместена во Манастирот „Горни Свети Илија “во с.Бањани –скопско.
1993 Во Виница е отворен Првиот фестивал за хумор, сатира и карикатура во Република Македонија, наречен „Ин Виница веритас“.
1993 Во селото Довезенце, Кумановско, е осветена новоизградената црква „Свети Ѓорѓи“.
Родени:
1879 Александар Иванов Ненов наречен Бујнов е револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација. По Илинденското востание во 1903 година Бујнов го напуштил театарот и се одал целосно на македонското револуционерното движење. До 1905 година е четник во Скопскиот револуционерен округ, а потоа – во Серско, каде што станува еден од блиските на Јане Сандански. По Првата светска војна е во групата на противниците на Тодор Александров и генерал Александар Протогеров, предводена од Ѓорче Петров. Во април 1923 година е избран за пратеник во Бугарското народно собрание. По превратот од 9 јуни се утврдува во градот Банско. По убиството на Тодор Александров, Александар Бујнов е убиен по пресудата на ВМРО на 27 септември 1924 година во Банско.
1883 Гоно Христов Манчев македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член на Македонската револуционерна организација, подоцна се приклонува на конзервативното-централистичко крило и станал струмички војвода на ВМРО (Автономистичка). Во периодот од 1921 до 1923 г. бил струмички помошник на војвода, а од 1924 бил самостоен војвода во Струмичко. Загинал во 1927 година во месноста Коџа Баир во планината Беласица во судир со српски чети
Починале:
1970 во Скопје починал Петар (Пецо) БОЖИНОВСКИ-Кочо, припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден бил во Битола на 15 јануари 1920 г. По фашистичката окупација бил член на Воениот комитет на МК на КПЈ во Битола и го помагал функционирањето на партиската техника. Во 1943 г. станал специјален курир при Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Во август 1943 г. бил заменик политички комесар на чета во Партизанскиот одред “Даме Груев”, а потоа од јуни-октомври 1944 г. бил заменик политички комесар на Седмата македонска бригада. Во оружените борби двапати бил рануван. Прогласен бил за народен херој на Југославија на 2 август 1952 г.
2010 Димитар Зози македонски театарски, филмски и телевизиски глумец. Во 1976 година Димитар Зози ја завршил Високата музичка школа на отсек за драмски глумци во класата на проф. Илија Џувалековски и во 1977 година се вработил во Драмски театар во Скопје, каде на самиот почеток се пројавува во остварувања наменети за деца, толкувајќи во неколку од нив главни улоги. Меѓу најдобрите негови остварувања била улогата во монодрамата „Дневникот на лудиот“ и за својата креативност тој бил награден со Републичката награда на аматерските драмски смотри. Починал во Скопје.
