Настани:
Беше тоа на 25 Октомври 1689 кога австрискиот генерал Енеја Силвио Пиколомини го запалил Скопје. Во тој период во градот бил зафатен со епидемија на колера. Пиколомини наредил градот да се запали за да се сопре епидемијата. Градот горел два дена. До темел изгореле голем број куќи и дуќани, но епидемијата не сопрела. Дури и самиот генерал Пиколомини се заразил од колера и набрзо починал.
Беше тоа на 25 Октомври 1908 кога весникот „Вашингтон хералд“ објавил текст под наслов „Мала Македонија“ , репортажа од кафеаната „Македонија“ на Васил Поп Стефанов, која како што вели репортерот, се наоѓа на чекор од стокатниците на Менхетн, во Њујорк. Во „Македонија“ новинарот разговара со неколкумина гости со свежи спомени од нивните комитски денови кои му ги пренесуваат на гостинот.
Беше тоа на 25 Октомври 1912 кога по 520-годишно владеење Османлиите го напуштаат Скопје, а веќе наредниот ден влегува Моравската дивизија на српската војска со што градот потпаѓа под српска окупација. Кметот Решад Беј го замолил Рускиот конзул решението да го предаде на српските војски.
Беше тоа на 25 Октомври 1995 кога Амбасадата на Република Турција во Скопје го информира Министерството за надворешни работи на Република Македонија дека Република Македонија е примена за полноправна членка на Црноморската конвенција за соработка во областа на културата, образованието, науката и информирањето.
Родени:
Беше тоа на 25 Октомври 1925 кога во село Долнени е роден Пеце Атанасовски. Неговите први музички ангажмани започнуваат со националната радио станица. Бил професионално ангажиран во Радио Скопје (1946) и во Државниот ансамбл за народни песни и игри „Танец” во Скопје (1950). Од 1959 г. до пензионирањето бил раководител на Оркестарот од народни инструменти во Радио Скопје и кореограф на повеќе од дваесет КУД во РМ. Од 1966 г. полни 29 години ја раководел Фолклорната школа за странци во Отешево. Со своите гостувања со разни културно- уметнички друштва низ светот ги афирмирал високите достоинства на Македонскиот мелос.Пеце Атанасовски беше долгогодишен Раководител –Кореограф на КУД „ИЛИНДЕН “од Илинден .
