домаБЕШЕБеше 23 декември 2023

Беше 23 декември 2023

23 декември
Беше тоа на 23 Декември 910 кога почина Свети Наум Охридски Чудотворец средновековен научник, писател, учител, и еден од основоположниците на словенската писменост и македонската писменост и просвета. Денес неговите мошти се изложени во по него наречениот манастир „Св. Наум“. Св. Наум бил еден од основачите на Преславската книжевна школа, каде работел како учител од 886 до 893 година. Наум Охридски раководел со Охридската школа во текот на седум години, а во 900 година се повлекол во манастирот посветен на свети Архангел Михаил. Познато е дека се занимавал со литературна дејност, но неговите текстови сè уште не се идентификувани. Од двете кратки житија, напишани на црковнословенски јазик, се гледа дека бил голем учител, просветител, кој се разбира во народната медицина и толерантно ги водел црковните работи. На св. Наум Охридски му се припишуваат делата: Канонот за апостолот Андреј; и Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст.
На 23 Декември 1902 во Велес, во близина на училиштето „Св. Ѓорѓи“, во борба против турската патрола (откако претходно беше поткажан), за да не падне жив во рацете на непријателот се самоуби Миле Поп Јорданов, македонски револуционер и учител. Македонскиот народ го овековечи со песната „Бог да го прости Миле Поп Јорданов, кој загина за народот и за Македонија“. Роден е во Велес, во 1878 година.
Беше тоа на 23 Декември 1906 загина АЛЕКСАНДАР – САНДО КИТАНОВ, македонски војвода роден 1881 година во селото Лешко, Горна Џумаја (денес Благоевград), Пиринска Македонија во битка со турскиот аскер. Заедно со Даме Груев и уште двајца комити загинува на врвот Петлец, во близината на селото Русиново, Беровско. Сандо Китанов до крај остана верен на македонските идеали, и непоколеблив следбеник на делото на Сандански, Гоце Делчев и Даме Груев.
На 23 Декември 1906 на врвот Петлец, кај селото Русиново, Беровско, во борба против османлиската војска загина Дамјан Јованов, попознат како ДАМЕ ГРУЕВ, учител, еден од основачите на ВМРО во Солун, во 1893 година, истакнат организатор и раководител на националноослободителното движење на македонскиот народ на крајот на 19. и почетокот на 20. век. Се школуваше во родното место – селото Смилево, Демирхисарско, а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година беше учител во селото Смилево и во Прилеп. Од летото 1894 година почна да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Во август 1900 година беше уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година беше заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Беше претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој беше избран за член на Главниот штаб на востаниците на претстојното Илинденско востание, во кое активно учествуваше. По неуспехот на востанието ја продолжи својата револуцинерна дејност. Во 1904 година претседаваше на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време беше и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година. Роден е на 19 јануари 1871 година.
Беше тоа на 23 Декември 1924 кога во Милано, од агентите на бугарскиот двор – врховистите, е убиен Петар Чаулев, македонски револуционер, еден од потписниците на Мајскиот манифест на ЦК на ВМРО, во кој е прокламирана борбата за ослободување и обединување на сите делови на Македонија во независна политичка единица во рамките на една балканска федерација. Својата револуционерна дејност ја започна уште пред Илинденското востание и беше учесник во истото, како војвода во Крушевско и во Охридско. Манифестот е отпечатен во Скопје, 1948 година. Роден е во Охрид, во 1881 година
На 23 Декември 1944 Во Скопје излезе првиот број на весникот „Бирлик“ на турски јазик, како орган на НОФ на Македонија.
На 23 Декември 1993 Официјално е отворена Амбасадата на Велика Британија во Република Македонија. За амбасадор, е наименуван Тони Милсон.
Беше тоа на 23 Декември 1994 Република Македонија и Република Австрија воспотавија дипоматски односи.
На 23 Декември 1994 во Скопје е формирана Асоцијацијата на туристичките агенции на Македонија.
Беше тоа на 23 Декември 2003 кога почина Драгољуб Ставрев. Ставрев бил македонски општественик и државник. Завршил Правен факултет во Скопје. Бил главен уредник на весникот „Студентски збор“, претседател на Сојузот на младината на Македонија, претседател на ГК на СКМ – Скопје, потпретседател и претседател на Собранието на град Скопје за време на обновата и изградбата на градот по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, член на ЦК СКЈ, член и извршен секретар на Претседателството на ЦК СКЈ, член на Сојузниот извршен совет, претседател на Извршниот совет на Собранието на СРМ, претседател на Претседателството на СРМ. Објавил повеќе стручни и политички трудови, меѓу кои и книгата „Македонски современи политички теми“.
На 23 Декември 2013 почина Ацо Богдановски, познат како Ацо Конга. Првата група во која членувал Конга е „Макакус“ (1979) кога почнува да удира на конги. Беше дел од бендот „Нокаут“ формиран во 1997 година, на два албумa „Нокаут“ (1997) и „До последен здив“ (2001) каде се големите хитови „АБЦ“, „Фатална опсесија“, „Временска машина“, „Би се викал те сакам“, „Телефонскиот број не постои“, „Илјада причини за крај“…

Ден 18 април 2025

00:01:17