домаБЕШЕБеше 19 декември 2023

Беше 19 декември 2023

19 декември
Беше тоа на 19 Декември 1907 кога почина Димитар Поп-Георгиев Беровски — македонски револуционер. Во селото Долна Грашница, во близина на Ќустендил, умре (таму е и погребан) Димитрија Поп Георгиев – Беровски, македонски револуционер, учител, војвода, идеен водач на Разловечкото (1876) и Кресненското востание (1878) против турското владеење, близок соработник на Гоце Делчев. Роден е во Берово, во 1840 година.
На 19 Декември 1920 во Неготино е роден Лазар МОЈСОВ припадник и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, државник, политичар, публицист, дипломат. Во текот на Националноослободителната војна и антифашистичка борба бил борец во партизанскиот одред „Добри Даскалов“, во баталјонот „Мирче Ацев“ и во Втората македонска ударна бригада. Работел во агитационо-пропагадното одделение на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. По ослободувањето вршел повеќе државни и политички функции. Во март 1945 г. бил назнач ен за народен обвинител во Судот на националната чест на ДФМ. Бил јавен обвинител на и претседател на Врховниот суд на НРМ, вонреден и ополномоштен амбасадор на ФНРЈ во СССР и во Монголија, амбасадор на СФРЈ во Австрија во Гвајана и Јамајка. Покрај тоа бил шеф на Постојаната мисија на СФРЈ при ООН и претседател на 32-то заседание на Генералното собрание на ООН. Бил претседател на Претседателството на СФРЈ. Носител е на „Партизанска споменица 1941“, како и на други југословенски и македонски награди и признанија. Починал во Белград, Србија, на 25 август 2011 г.
Беше тоа на 19 Декември 1921 кога во селото Небрегово, Прилепско, е роден Блаже Конески, еден од најистакнатите македонски културни дејци, академик, писател, врвен поет, научник, чие творечко истражување даде огромни резултати во македонската литература во областа на културната историја на македонскиот народ. Во 1945 година ја објави првата книга, поемата “Мостот”, а потоа и делата “Земјата и љубовта”, “Песни”, “Стари и нови песни”, “Чешмите”, “Послание”, “Светото на песната и легендата” и други. Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на “Граматиката на македонскиот јазик”, “Историјата на македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската народна поезија”. Се занимаваше и со преведувачка дејност. Неговите дела се преведени на повеќе странски јазици. Покрај другите награди, Конески е добитник и на “Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата во 1981 година. Умре во Скопје, на 7 декември 1993 година.
На 19 Декември 1942 во манастирот Св. Никола во с. Прилепец, прилепско, во борба против бугарската окупаторска војска и полиција, откако беа предадени, загинаа деветмина борци на партизанскиот одред „Ѓорче Петров“. Борбата на Прилепец претставува легенда за херојството на македонските партизани во борбата за слобода загинаа: Киро Фетак, Борка Спасески – Влачарот, командир на одредот, Стеван Базеркоски, Стеван Димески, Димче Мирчески – Бањарот, Гога Јанкулоски, Трајче Најдески – Соколе, Бошко Јосифоски, Менде Бошкоски
Беше тоа на 19 Декември 1944 кога во Куманово се одржал ПРВ МИТИНГ ВО СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА, по одржување на Првото заседание на АСНОМ на кој присуствуваше највискиот македонски државен и партиски врв на чело со Методија Антонов Ченто, Михајло Апостолски, Страхил Гогов, Лазар Соколов и други.
На 19 Декември 1973 во Кавадарци е роден Врбица Стефанов — поранешен кошаркар и репрезентативец на Македонија и помошник тренер на македонската репрезентација. Тој играл на позицијата плејмејкер. Тој е повеќекратен освојувач на првенства и купови, како во Македонија, така и на европската сцена. Кариерата ја завршил во 2009 година на 35 години, по една деценија настапи во европските клубови и претставување на Македонија во најдобро можно светло. Во својата клупска кариера, Стефанов настапувал за МЗТ Аеродром, Работнички, Пинар Каршијака, АЕК, Монтепаски, Фенербахче, Црвена ѕвезда, Олимпијакос, Мерсин и Менорка. Врбица Стефанов во меѓународната клупска кариера одиграл над 100 натпревари, постигнал над 1000 поени и имал над 300 асистенции.

Беше тоа на 19 Декември 1991 кога во сообраќајна несреќа кај Врање, Србија, загина Јордан Мијалков—прв министер за внатрешни работи на независна Република Македонија . Во периодот од 20 март 1991 до 19 декември 1991 година во првата експертска влада, водена од Никола Кљусев.
На 19 Декември 2000 во Скопје, во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, беа промовирани првите подофицери за основни командирски должности за пешадискиот род на Армијата на Република Македонија, школувани според стандардите на НАТО.
Беше тоа на 19 Декември 2002 кога почина Александар Сариевски легендата на македонската народна песна Сариевски, кој со својот уметнички профил и опус го вгнезди своето име во севкупната наша културна историја. Александар Сариевски испиша богати биографски страници, остави над 400 трајни звучни записи за Музичката продукција на МРТВ и за други дискографски продукции, кои вечно ќе припомнуваат за една неповторлива уметничка личност која даде огромен придонес во негувањето и афирмирањето на македонската фолклорна уметност кај нас и насекаде во светот. Многумина се обидуваа да ја испеат легендарната песна “Зајди, зајди јасно сонце”, но никој од нив не може да ја надмине интерпретацијата на генијалниот Александар Сариевски. Секако и песните “Дејгиди луди млади години”, “Зајко кукурајко”, “Абер дојде Донке од кулата”, “Митро, Митро мори”, “Абреј невесто, око калешо”, “Седна баба да вечера”… ќе не потсетуваат на него како врвен естраден уметник кој со песна на цел свет му раскажуваше за неговата Македонија.
На 19 Декември 2006 почина Гоце Николовски познат македонски интерпретатор на народна музика. Роден е во Скопје. Музичката кариера ја започнува со шеснаесет години во градот Ниш, каде што живее. Својата популарност како музичар и пејач во Македонија ја достигнува во 1990 година кога на Фолк Фест Валандово за прва пат ја изведува легендарната македонска песна Бисер Балкански. Песната ја доби првата награда на фестивалот во конкуренција од повеќе изведувачи од Југославија. Песната наскоро стана многу популарна, голем хит и широко прифатена од македонската публика и од македонскиот народ воопшто Поради неговиот допринос за македонската заедница во Австралија, Николовски е прогласен за почесен граѓанин на Аделаида. Повеќе тв и радио станици од Македонија и дијаспората на македонскиот музички бисер постхумно му доделија награди за животно дело. Неговиот голем хит “Бисер балкански” во 2000 е прогласен за песна на векот во Македонија. Поради своите музички квалитети и придонес за македонската народна музика, Гоце Николовски спаѓа во редот на најголемите музички имиња во македонската историја.
19 Декември е Св. Никола — православен празник.

Ден 18 април 2025

00:01:17