домаБЕШЕБЕШЕ - 18 НОЕМВРИ 2023 ГОДИНА

БЕШЕ – 18 НОЕМВРИ 2023 ГОДИНА

18 ноември

На 18 Ноември 1874 во селото Постол, Егејска Македонија, е роден Крсте Петков Мисирков, истакнат македонски филолог, лингвист, историчар, фолклорист, етнограф, публицист, политичар, револуционер и борец за македонската национална афирмација. Во 1903 година ја издаде книгата “За македонцките работи”, која претставува одраз и израз на неговата борба за самобитноста на македонскиот народ. Во 1905 година, во Одеса го издаваше на македонски јазик, весникот “Вардар”. Умре во Софија, во Бугарија, на 26 јули 1926 година.

Беше тоа на 18 Ноември 1934 кога е родена Нада Ицева –Салџиева падобранец, републичка и државна рекордерка во падобранство, била 4 пати шампион на Југославија и е учесник на многу балкански, европски и светски првенства. Добитник на многу републички и државни награди.

На 18 Ноември 1936 во Шпанија загина Ганчо Хаџипанзов — македонски револуционер и поет, учесник во Шпанската граѓанска војна. Роден 1900 во Велес. Тој е меѓу првите македонски интербригадисти кои загинале во Шпанија.

Беше тоа на 18 Ноември 1944 кога во штотуку ослободената Битола, во присуство на околу 2.000 борци на Леринско-костурската бригада, од Воденскиот македонски партизански баталјон и од бригадата „Гоце Делчев“, е формирана Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија, која влезе во составот на НОВ и ПО на Македонија. На местото каде што е формирана оваа прославена партизанска бригада, заменик-политички комесар на бригадата Вангел Ајановски – Оче, на 18 ноември 1984 година откри спомен-плоча.

Беше тоа на 18 Ноември 1986 кога во Скопје умре Љупчо Арсов, народен херој на Југославија, од Македонија, член на АСНОМ, потпретсeдател на првата влада на ФД Македонија. Роден е во Штип, на 19 мај 1910 година.

На 18 Ноември 1988 Во Скопје умре Шукри Рамо, поет, раскажувач и литературен критичар од турска националност во Македонија. Автор е на книгите поезија „Татковината е една, не заборавај“, „Венец“, „Добредојдовте“, на збирките раскази „Полско цвеќе“, „Со огнот кон ѕвездите“ и други дела. Роден е во Штип, на 28 ноември 1918 година

На 18 Ноември 1991 Собранието на Република Македонија го усвои Уставот. Од 120 пратеници за Уставот гласаa 92.

Беше тоа на 18 Ноември 1997 кога делегација на Армијата на Република Македонија, при посетата на Турција, го пронајде и го фотографира крушевското црешово топче од периодот на Илинденското востание. Црешовото топче е пронајдено во Воениот музеј на Армијата на Турција.

Беше тоа на 18 Ноември 2003 кога почина Ангел Чемерски македонски револуционер и партиски функционер. Станува член на СКОЈ во 1941 година, а на КПЈ во 1942. Секретар е на општинските партиски комитети во Штип, Струмица и Битола. Во 1943 година стапува во редовите на Тиквешкиот партизански одред “Добри Даскалов“. Позабележителна општествено-политичка дејност остварува по ослободувањето: помошник-министер за индустрија и рударство, претседател на Стопанскиот совет, секретар и претседател на ЦК СКМ (од 1969 до 1982 година), а во повеќе мандати бил член на Претседателството на ЦК СКМ, како и член и претседател на Претседателството на СРМ (од 1982 година до 1986 година).

На 18 Ноември 2008 почина Бранко Гапо еден од најпознатите, најплодните и најнаградуваните македонски филмски режисери. Со над 40 документарни и 7 играни филмови, како и со работата на драмски, телевизиски и радио-претстави, во период од над 40 години, тој е меѓу основоположниците на македонската кинематографија.

Ден 18 април 2025

00:01:17