17 декември
Беше тоа на 17 Декември 1871 кога во с. Смилево, Битолско, роден е македонскиот револуционер Дамјан (Даме) Груев. Своето образование го стекнал во Смилево, Битола и Солун а потоа во Белград и Софија. Бил учител во Смилево, Прилеп, Штип и Битола како и училишен инспектор во Солун. Тој е иницијатор и учесник при формирањето на ВМОРО во Солун на 23 октомври 1893 и е избран за секретар-касиер на Ц.К., но фактички тој е главниот раководител на организацијата во внатрешноста. Во 1897 е интерниран од Солун во Битола. Поради таканаречената попставрева афера, во Битола на 6 август 1900 е уапсен и осуден на 10 г. затвор. На Смилевскиот конгрес во април 1903 е избран за член на Главниот штаб на востанието во Битолскиот револуционерен округ. По востанието останува во Македонија и се зафаќа со обновување на разнишаните основи на Организацијата. Во октомври 1905 учествува на Рилскиот конгрес и е избран за член на ЦК на ВМОРО.
На 17 Декември 1924 Француското инжењерство изврши авионски премер на скопска околија.
Беше тоа на 17 Декември 1929 кога свечано е отворен офицерскиот дом во Скопје кој се сруши во земјотресот во 1963.
На 17 Декември 1952 во Штип е роден Блаже Китанов, македонски писател. Завршил Филолошки факултет во Скопје. На истиот факултет магистрирал и докторирал. Професор на Педагошкиот факултет „Гоце Делчев“ во Штип. Бил главен и одговорен уредник на списанието „Дело-74“ од Штип. Член е на ДПМ од 1998 година. Автор е на книгите: „Од пејзажот кон човекот“, „Во подножјето на огнот“, „Импресии и погледи ,„Ацо Шопов – живот и дело“ (монографија).
Беше тоа на 17 Декември 1962 кога во Скопје умре Крсто Гермов – Шаќир војвода, македонски револуционер, прилепско-мариовски војвода, учесник во Илинденското востание и во Балканските војни. По ослободувањето на Македонија стана народен пратеник и како најстар пратеник, на 1 септември 1946 година, во Скопје го отвори Првото заседание на Македонското народно собрание. Роден е во Прилеп, во 1876 година.
На 17 Декември 1987 во Скопје умре примариус д-р Ѓорѓи Гаврилски, прв примариус и прв специјалист по општа медицина во Македонија. Учествуваше во НОВ, беше член на АСНОМ, секретар на Владата на НР Македонија и помошник министер за народно здравје. Со својот труд даде огромен придонес за развој на здравството во Македонија. Роден е во Свети Николе, во 1911 година.
Беше тоа на 17 Декември 1993 кога во Лас Вегас, САД, Фудбалскиот сојуз на Македонија е примен за придружен член на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
На 17 Декември 1993 Финска ја призна Република Македонија. Претседателот Мауно Коивисто го објави признавањето на службен прием и му врачи акт и го овласти Министерството за надворешни работи да воспостави дипломатски односи со Македонија.
Беше тоа на 17 Декември 2005 кога Република Македонија доби статус на кандидат за членка на Европската Унија.
На 17 Декември 2004 Избрана владата на Република Македонија, предводена од Владо Бучковски.
Беше тоа на 17 Декември 2015 кога почина Слободан Чашуле — македонски новинар и политичар, министер за надворешни работи на Македонија во периодот 2001 – 2002 година. Чашуле е роден во Скопје на 27 септември 1945 година. Тој е син на познатиот македонски писател Коле Чашуле. Чашуле го завршил своето образование на Папскиот католички универзитет во Лима, Перу. Беше новинар и основател на ТВ Скопје, дописник на ТВ Скопје од Чиле и Перу, дописник за ТАНЈУГ во Латинска Америка и Карибите, главен уредник на ТАНЈУГ во Македонија, директор и главен уредник на македонското радио, Генерален директор на „Нова Македонија“ – Скопје. На 30 ноември 2001, Чашуле станал Министер за надворешни работи на Македонија, четврти по ред во владата на Љубчо Георгиевски. Во 2002 година избран е за пратеник во Македонското Собрание. Почина во Мадрид, Шпанија.
Беше тоа на 17 Декември 2017 кога почина Стамен Филипов, правник во пензија, познат и како човекот кој поднесе најмногу иницијативи пред Уставениот суд на Република Македонија за преиспитување на уставноста на многу закони и законски решенија. Филипов до судот, во текот на своите пензионерски денови поднесе 1200 претставки, од кои дури 308 му биле прифатени. Филипов беше пензиониран правник од АРМ со чин потполковник и уживаше голема почит меѓу своите колеги. Тој пред Уставен суд ги оспоруваше Законот за лустрација, законот за измени на ДДВ, и многу други.
