15 ноември
Беше тоа на 15 Ноември 1492г. кога Кристофер Колумбо, откривајќи ја Америка, ја направи и првата белешка за употребата на тутунот меѓу Индијанците. Тоа беше првиот пишан документ за ова растение, кое наскоро го освои не само стариот континент – Европа, туку и целиот свет, а за кое медицината утврди дека има штетно влијание врз човековото здравје.
На 15 Ноември 1912 во Солун е роден Кирил Пенушлиски. Завршил основно образование во родниот град, потоа гимназија во Скопје во 1931 година. Во 1938 година завршил Филозофски факултет, група Југословенска книжевност и докторирал на тема: “Стефан Верковиќ – собирач на македонски народни умотворби” (1956 г.). За време на окупацијата активно бил вклучен во НОБ, (бил претседател на илегалниот НОО одбор на Скопје), а по војната работел на повеќе важни функции, во Министерството за трговија, генерален секретар на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, професор на Филозофскиот (подоцна Филолошкиот) факултет, Декан на овој факултет, Ректор на Скопскиот универзитет, член на Советот на републиката и др. Доктор по филолошки науки и основоположник на македонската фолклористика. Почесен член на ДПМ. Починал на 23 мај 2004 во Скопје.
Беше тоа на 15 Ноември 1897 кога Никола Петров-Русински со дел од четата, се наоѓал на малешевскиот терен. Заради настаната ситуација со провалата во Виница, тој и Ташко Мицев одржале итно советување на првите луѓе на Организацијата од селата Владимирово и Русиново. Луѓето што требало одново да го кријат морале да бидат подготвени, доколку бидат барани од турските власти, веднаш да пребегаат за Бугарија
На 15 Ноември 1944 во Скопје, во руинираните простории на некогашната Воена болница кај „Гази Баба“ (Полумесец), беше сместена Болницата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.
Беше тоа на 15 Ноември 1983 кога во Скопје умре Таки Хрисик, македонски композитор и музички педатог. Неговиот творечки опус опфаќа голем број дела за хорска изведба, камерна музика, соло песни, дела за оркестар и близу 1.500 мелографски записи на македонски и на влашки песни. Роден е во Крушево, на 27 септември 1920 година.
На 15 Ноември 1994 беа објавени официјалните резултати од пописот, кои покажаа дека во Република Македонија има 1.936.877 жители.
Беше тоа на 15 Ноември 1995 кога Република Македонија стана членка на програмата на НАТО, Партнерство за мир.
На 15 Ноември 2001 беа прогласени Амандманите на Уставот на Република Македонија, во согласност со Охридскиот рамковен договор.
Беше тоа на 15 Ноември 2003 кога започна втората фаза од акцијата за собирање на доброволно предаденото нелегално оружје во Македонија.
На 15 Ноември 2006 во Скопје, пред Домот на културата „Кочо Рацин“ е откриено спомен-обележјето „Скршено мајкино крило“ посветено на 54 загинати старешини и војници во распадот на Југославија, во текот на 1991 и 1992 година.
Беше тоа 15 Ноември 2012 година кога по кратко боледување на 66 годишна возраст почина Владимир Ангеловски –Дади. Тој зад себе остави стотици и стотици изиграни претстави, незаборавни ликови, како и познати улоги во македонските народни приказни. Јавноста ги памети и огромениот е бројот на улогите во кои се појавува Дади, од детските серии и драми, па сѐ до сериозни улоги во повеќе значајни македонски филмови, серии и драми.
На 15 Ноември 2022 според проценката на ООН, светското население достигнало 8 милијарди.
