11 декември
На 11 Декември 1910 во Солун е роден Димо Тодоровски, академик, познат македонски вајар од првата генерација вајари кои ја втемелија оваа ликовна уметност кај нас. Тој беше единствениот склуптор што се појави меѓу двете светски војни во Македонија. Умре во Скопје, на 27 април 1983 година.
Беше тоа на 11 Декември 1934 кога во Битола е роден Томислав Чокревски македонски универзитетски професор, социолог и државник. Магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград во 1967, а докторирал на Правниот факултет во Скопје, на тема „Социјалната природа и функција на големите организации и развитокот на социјалистичката демократија“ во 1976 година. На Правниот факултет во Скопје бил избран за предавач по предметот социологија во 1968, за виш предавач во 1972, за вонреден во 1977 и за редовен професор во 1982 година. Бил уредник на списанието „Погледи“ во 1964 година и републички секретар за образование, наука и култура од 1967 до 1971 година. Бил декан на Правниот факултет во Скопје во 1991 и 1992, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1992/93 – 1993/94) и министер за внатрешни работи во Владата на Бранко Црвенковски од 1995 до 1998 година. Објавил поголем број монографски дела и учебници од областите на социолошките и политичките науки.
Беше тоа на 11 Декември 1946 кога со одлука на Генералното собрание на ООН основан е Меѓународниот фонд на ОН за помош на децата (УНИЦЕФ). Како најблагородна организација на ОН во 1965 година, ја доби Нобеловата награда за мир. Седиштето на УНИЦЕФ е во Њујорк.
На 11 Декември 1951 во Велес е родена академик Катица Ќулавкова – поетеса, книжевен научник, критичар и антологичар. Дипломирала на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на истиот магистрирала, а докторирала на Филозофскиот факултет во Загреб. Работела како универзитетски професор, била претседател на Македонскиот ПЕН центар, член е на Друштвото на писатели на Македонија. Во 2003 година е избрана за член на Македонската академија на науки и уметности.
На 11 Декември 1992 Советот за безбедност на Обединетите нации одлучи да испрати 800 „сини шлемови“ во Република Македонија.
Беше тоа на 11 Декември 1993 кога во Скопје повеќе од 60 делегати младинци одржаа Основачко Собрание и ја конституираа организацијата „Млади социјалисти“, како подмладок на Социјалистичката партија на Македонија.
На 11 Декември 1996 Во Битола е одржано основачкото собрание на Националниот сојуз на студентите на Македеонија.
Беше тоа на 11 Декември 2004 Во Скопје умре Јадранка Владова, македонски разкажувач, литературен теоретичар, есеист и преведувач. Автор е на следните книги: Скарбо во мојот двор, Девојчето со две имиња, Деца како мене (во соавторство со фотографот Владимир Тодоров, Читанка за петто одделение, Македонски јазик и литература за петто одделение, Македонски јазик и литература за шесто одделение и други
Беше тоа на 11 Декември 2016 кога се одржаа деветите парламентарни избори во Македонија.
На 11 Декември 2016 почина Есма Реџепова — позната македонска пејачка и хуманитарка. Нарекувана е Кралица на Ромската музика во светски рамки. Во 2013 ја доби престижната титула Национален уметник на Република Македонија. Есма е најмаркантното музичко име на македонската, балканската и светската музичка фолк-сцена, таа е жена која животот го посвети на хуманоста, човекољубието и добрината. Освен бројните видео клипови, Есма Реџепова се појави во неколку филмови, и во четири документарни филмови во текот на деценијата. Есма Реџепова сними и објави повеќе од 580 песни, меѓу кои и две платина и осум златни дискови. Изврши повеќе од 22.000 концерти, од кои една третина се одржаа за добротворни цели. Со Ансамблот Теодосиевски сними 108 синглови, 32 компактни касети, 15 дискови, шест видеокасети и бројни телевизиски емисии. Реџепова најмногу пееше на ромски и македонски, но исто така сними песни на српскохрватски, турски, хебрејски, грчки и хинду. Една од нејзините најпознати песни Чаје Шукарие стана химна за сите Роми низ светот. Некои од нејзините песни, исто така, покажуваат силни влијанија од Запад, меѓу кои и Код, кодак , Девојка и песна, Макодо, Песна Шефер Сарајеву и Ѓурѓовден, Ѓурѓовден .
11 Декември е Меѓународен ден на планините и Ден на светите Петнаесет тивериополски маченици, заштитници на Струмица.
