домаБЕШЕБЕШЕ - 08 НОЕМВРИ 2023 ГОДИНА

БЕШЕ – 08 НОЕМВРИ 2023 ГОДИНА

8 ноември

Беше тоа на 8 Ноември 392г. кога византискиот цар Теодосиј I го воведува христијанството како официјална религија на Византија.

На 8 Ноември 1875 во Струга е роден Милан Матов. Од крајот на 1895 година станал член на Организацијата, а од јуни 1900 година и на околискиот револуционерен комитет во Струга. Во април 1905 година отишол во Битола и станал член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ, а во јули 1907 година бил избран и за негов претседател и истовремено за битолски окружен војвода. По завршувањето на Првата светска војна, станал активен член на Илинденската организација и на Македонскиот научен институт, а издавал и свои спомени насловени „Спомените на Милан Матов“. Во тој период се залагал за ставање крај на братоубиствените борби во ВМРО и играл улога на помирител помеѓу противничките фракции. Милан Матов умрел на 21 мај 1962 година во Софија.

Беше тоа на 8 Ноември 1878 кога во Кукуш, Егејска Македонија, е роден Димитар Влахов, истакнат македонски револуционер, политичар и публицист, повеќе децении присутен на македонската историска сцена во борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување. Умре во Белград, на 7 април 1953 година.

На 8 Ноември 1878 Во селото Папрадиште, Велешко, роден е Димитрија Чуповски, еден од најистакнатите и најдоследните организатори и афирматори на македонската национална мисла, политичар, дипломат, научник, историчар и филолог. Беше прв претседател на Славјанско-македонското научно литературно друштво основано во Петроград, во 1902 година. Умре во Санкт Петербург, на 29 октомври 1940 година.

Беше тоа на 8 Ноември 1906 кога во Штип е роден Михаило Апостолски, македонски академик, народен херој и генерал-полковник. Работеше на организирањето на одбраната на земјата во времето на НОВ и стана командант на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија, со кој успешно раководеше се до ослободувањето на земјата. Умре во Дојран, на 7 август 1987 година.

На 8 Ноември 1936 е роден Кирил Манчевски, македонски пејач, еден од великаните на градската, лирска и елегична народна песна. Настапува како солист и во дует, особено со Виолета Томовска. Активен во шеесеттите и во почетокот на седумдесеттите години од XX век, тој ги остварил антологиските изведби на познатите песни. Починал на 8 јули 1975г.

Беше тоа на 8 Ноември 1941 кога при формирањето на партизанскиот одред “Гоце Делчев” во Царевиќ, Прилепско, првпат беше изведена борбената песна “А бре, Македонче”. Композитор е прилепскиот скоевец Ордан Михајлоски-Оцката (1921-1942), кој со Коле Чашуле е и ко-автор на текстот. А, бре, Македонче, каде се спремаш?, Борба те чека, борба за слобода. Борба за слобода, за Македонија, за Македонија – земја поробена. Обнародена и исполнувана во текот на НОВ, оваа револуционерна песна стана прв звучен сигнал на Радио Скопје во 1944 година.

На 8 Ноември 1944 беа ослободени Штип, Неготино и Струга.

Беше тоа на 8 Ноември 1945 кога почина Атанас Лозанчев, македонски револуционер, член, раководител и војвода на Македонската Револуционерна Организација. Во јануари 1903 година учествувал на Солунскиот конгрес и бил еден од иницијаторите за донесување одлука за кревање востание. На Смилевскиот конгрес бил избран за член на Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ. Од седумнаесеттемина присутни на Солунскиот конгрес, во востанието учествувале само Лазар Димитров и Анастас Лозанчев, кој оставил спомени за овие настани.

Беше тоа на 8 Ноември 1977 кога грчкиот археолог Манолис Андроникос тврди дека го открил гробот на Филип II Македонски во Кутлеш, Берско, Егејска Македонија.

На 8 Ноември 1994 на м-р Марија Пандевска, асистент во Институтот за национална историја на Македонија, и е доделена првата (првпат) награда за најдобар труд од историските науки, што ја доделува Фондацијата „Михаило и Цвета Апостолски

Беше тоа на 8 Ноември 1995 кога Република Македонија официјално стана 38-ма членка на Советот на Европа.

На 8 Ноември 2015 се изврши откривање и осветување на Спомен-Крст во спомен на македонските воини, присилно мобилизирани Македонци од Бугарија, Србија и Грција и на настраданото цивилно население во Македонија во Балканските војни 1912-1913 и во Првата Светска Војна 1914-1918 година. Спомен-Крстот се наоѓа на ритчето Свети Атанас, над истоимениот манастир, под црквата “Свети Димитрија“ во селото Црнобуки, битолско. Иницијативниот одбор очекува до крстот да се изгради капела во која ќе бидат депонирани документи и имињата на сите загинати Македонци во овие војни.

8 Ноември е Меѓународен ден за урбани средини.

Ден 18 април 2025

00:01:17