7 ноември
Беше тоа на 7 Ноември 1829 кога во Прилеп е роден Марко Цепенков, еден од најистакнатите собирачи на македонскиот фолклор. Неговата автобиографија претставува богат избор за проучување на целокупниот живот на Прилеп од тоа време. Творештвото на Цепенков е собрано во десет книги. Умре во Софија, на 29 декември 1920 година.
На 7 Ноември 1888 во Штип е роден Панчо Михајлов, македонски револуционер, војвода, новинар и поет, книжевник и фолклорист. Убиен е во Софија на 14 јуни 1925 година.
Беше тоа на 7 Ноември 1913 кога стотина семејства од Скопје го известиле српскиот Владиката Викентиј дека повеќе нема да примаат српски попови бидејќи преминале во унијатство на Римокатоличката црква.
На 7 Ноември 1944 НОВ на Македонија ги ослободија Охрид и Гевгелија
Беше тоа на 7 Ноември 1944 во Битола излезе првиот број на списанието за жени „Македонка“, орган на Антифашистичкиот фронт на жените на Македонија. Од 1953 година излегуваше под наслов „Просветена жена“, а од 1991 година како месечна ревија под името „Жена“.
На 7 Ноември 1945 отворено е прво училиште на мајчин јазик во с.Миладиновци. Први учители за изведување настава на македонски јазик биле учителите: Трифун Живков од село Стапар–Војводина и Стојка Маткова од Ново Село Штип. Од 7до 22 ноември траел уписот на ученици а редовната настава започнала на 23 ноември 1945 г.
Беше тоа на 7 Ноември 1946 кога заврши првата сојузна работна акција на тогашна Југославија, на железничката пруга Брчко – Бановиќи. Со околу 70.000 учесници од целата земја и 2.000 од странство беше изградена за 190 дена пругата долга 90 километри.
На 7 Ноември 1947 во Горна Џумаја денешен Благоевград, со изведувањето на пиесата „Печалбари“ од македонскиот писател Антон Панов официјало ја започна својата дејност Обласниот македонски народен театар. Тоа беше прв македонски професионален драмски ансамбл не само во споменатиот град, туку и во Пиринска Македонија. Театарот работеше на македонски литературен јазик.
Беше тоа на 7 Ноември 1995 кога во хотелот „Мармора“ во Истанбул беше потпишан договор за формирање мешовит македонско-турски деловен совет. Советот е формиран со цел да ги разрешува сите пречки во трговската соработка меѓу Република Македонија и Република Турција.
На 7 Ноември 2004 во Република Македонија се одржа неуспешен референдум за отфрлање на предложената територијална организација на државата.
На 7 Ноември 2020 почина Панде Манојлов македонски поет, раскажувач и новинар. Најпознат е по песната за Палестина што ја напишал во 1982 година и ја објавил во весникот „Нова Македонија“. Оваа песна во август 2006 година во радиото Монте Карло, во емисијата за арапски јазик, била прогласена за најубава странска песна посветена на Палестина. Манојлов е роден на 2 мај 1948 година во с. Породин, Битолско. Завршил Правен факултет во Скопје. Работел во редакцијата на весникот „Битолски весник“, Битола. Бил член на ДПМ од 1989 година.
