домаБЕШЕБеше 07 декември 2023

Беше 07 декември 2023

7 декември
Беше тоа на 7 Декември 1906 кога е роден г.г. Доситеј прв архиепископ охридски и македонски, поглавар на Македонската православна црква. Целиот свој живот го посвети на службата на Црквата. Тој будно го следеше решението на македонското црковно прашање и вложуваше максимални напори за негово разрешување преку обновата на Охридската архиепископија и создавањето на Македонската православна црква. На вториот Црковно-народен собир, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, е избран за поглавар на МПЦ во обновената Охридската архиепископија. Под негово раководство е свикан третиот Црковно-народен собир, одржан на 18 јули 1967 година, на кој МПЦ е прогласена за афтокефална. Умре во Скопје, на 20 мај 1981 година.
На 7 Дкември 1909 во Банско, Пиринска Македонија е роден Никола Јонков Вапцаров, бугарски и македонски пролетерски поет и револуционер. Никола Јонков Вапцаров се смета за најсилен поетски талент меѓу Македонците кои твореле и на други јазици, во песните тој искажал чувство дека таа земја не можел да ја чувствува за своја татковина.Тој е еден од организаторите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој беа опфатени повеќе млади македонски литературни творци. Го стрелаа бугарските фашисти во Софија, на 23 јули 1942 година.

Беше тоа на 7 Декември 1922 кога во 5 часот и 25 минути во Скопје и околината се почуствувал силен земјотрес, урнати биле неколку стари куќи, човечки жртви немало .
На 7 Декември 1976 е родена Маја Апостолоска македонска поетеса, книжевна критичарка и есеистка. Дипломирала општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, каде моментално е магистрантка по македонски јазик и лингвистика. Уредничка е на списанието за книжевност, уметност и култура „Книжевно житие“. Нејзината поезија е преведена на повеќе јазици и објавена е во неколку избори и антологии на македонската поезија. Добитничка е наградата „Бели мугри“ за најдобра поетска книга од автор до 35-годишна возраст, која ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ – Скопје.
На 7 Декември 1992 кога во Скопје умре прим. д-р Христо Брашнаров, еден од основачите на Хируршката и Акушерско-гинеколошката клиника на Медицинскиот факултет во Скопје, асистент и професор на првата генерација студенти по медицина во Скопје, основач и професор на Акушерската школа во Македонија и основач на гинеколошко-акушерските одделенија во Струмица и во Прилеп. Во 1964 година прв во Македонија воведе анестезија во оперативните зафати на гинекологијата и акушерството. Роден е во Прилеп, во 1918 година.
Беше тоа на 7 Декември 1993 кога почина Блаже Конески — еден од најистакнатите македонски културни дејци, академик, писател, врвен поет, научник, чие творечко истражување даде неодминливи резултати во македонската книжевност во областа на културната историја на македонскиот народ. Тој е прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, почесен доктор на Чикашкиот униврзитет и на Универзитетот во Врацлав. Негова прва книга е поемата “Мостот”, ја објави непосредно по војната во 1945 година, а потоа ги објави делата “Земја и љубовта”, “Песни”, “Везилка”, “Лозје”, “Записи”, “Стари и нови песни”, “Чешмите”, “Послание”, “Светото на песната и легендата” и други. Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на “Граматика на македонскиот јазик”, “Историја на македонскиот јазик”, “Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската поезија”. Покрај другите награди, добитник е на “Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата во 1981 година. Роден е во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 година.
На 7 Декември 1995 во Атина, дипломатот Александар Маљас, беше наименуван за шеф на канцеларијата за врски, во главниот град на Република Македонија, Скопје.
Беше тоа на 7 Декември 2018 кога почина актерката Љупка Арсова – Џундева, родена на 11 јули 1934 во Скопје. Во ансамблот на Драмата при Македонскиот народен театар Љупка Џундева се вработува во 1951 година. Во овој театар работи до пензионирањето во 1990 година.Добитник е на Наградата на градот Скопје „13 Ноември“, потоа на Наградата за артистичко остварување доделена од Југословенската радио-телевизија, Орден на трудот со златен венец и Орден на трудот со сребрен венец. Џундева секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија. Во Македонскиот народен театар работеше во текот на целиот свој професионален живот од 1951 до 1990 година, кога замина во пензија.

Ден 18 април 2025

00:01:17