3 септември
Настани:
1901 На патот од Банско за Симитли, кај месноста Потпрена скала, четниците на Јане Сандански и Христо Чернопеев ја киднапирале протестантската мисионерка Мис Елен Стоун и нејзината придружничка Катерина Стефанова – Цилка. Јане Сандански побарал 25.000 лири откуп за да ја ослободи американката, што му биле исплатени и со тие пари ВМРО купила оружје за Илинденското Востание што се кренало после две години.
1933 Во Софија излегол првиот број на „Македонска правда“, весник на македонската емиграција, кој ја поддржувал идејата за балканска федерација. Од 1 до 11 број уредник беше Димитар П. Евтимов. Весникот ја подржуваше идејата за балканска федерација како единствено решение за мир на Балканот. Од 12-иот број весникот премина во рацете на протогеристите, при што Евтимов ја напушти редакцијата. Излегоа вкупно 52 броја
1944 Повеќе од 300 балисти со невидена бруталност почнаа да се пресметуваат со населението во селото Маврово, Гостиварско. Се што ќе најдеа пред себе убиваа и пљачкосуваа. На крајот го запалија и го уништија до темел целото село. Изгорени беа повеќе од 150 куќи, пљачкосани повеќе илјади крупен и ситен добиток, претепани и убиени многу луѓе.
1991 По седумгодишно мирување повторно проработи Металуршкиот комбинат за никел и антимон “ФЕНИ” кај Кавадарци.
1997 Кај селото Жидилово, кај Крива Паланка во Република Македонија пристигна природниот гас, со што започна процесот на гасификација во државата.
1999 На граничниот премин Генерал Јанковиќ, меѓу Македонија и СР Југославија, почна со работа царинската служба на УНМИК, наплатувајќи ги царинските давачки во германски марки.
Родени:
1900 Во Струга, роден е Ристо Крле, македонски драмски автор, еден од основоположниците на македонската драмска уметност меѓу двете светски војни. Тој бил богато надарен раскажувач, романсиер, врвен класик на македонската драма. Ристо бил еден од првите членови на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Почина на 29 октомври 1975.
1921 Во Куманово е роден Христијан Тодоровски – Карпош, народен херој на Македонија. Во 1941 година учествуваше во собирањето на оружје, разнесување на летоци и на билтенот “Дедо Иван”, што го издаваше градската партиска организација. Исто така, учествуваше во подготовките на Првиот кумановски НОП одред. Беше член на Штабот на Кумановскиот партизански одред. Загина при нападот на бугарската војска во селото Билјача, на 7 февруари 1944 година.
1925 Во селото Габрово, Струмичко, е роден Манол Пандевски, македонски историчар и академик. Во 1987 година објавен му е избор од неговата научна активност во пет тома под наслов „Македонско ослободително дело во 19. и 20. век“. Умре во Скопје, на 21 мај 1998 година.
1931 Радован П.Цветковски македонски поет, раскажувач, книжевен критичар, писател за деца и млади и фолклорист. Роден е во Сопотница, Демирхисарско. Долго време бил во редакцијата на списанието „Развиток“ од Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија, на Македонското научно друштво – Битола и на Друштвото на фолклористите на Македонија исто така, бил член на Советот на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија и еден од покренувачите на манифестацијата „Тумбе Кафе – кафе песна“ од 2011 година. Соработувал со повеќе македонски и странски списанија и весници: „Современост“, „Нова Македонија“, „Литературен збор“, „Раст“, „Стожер“, „Современи дијалози“ итн. Починал во 2022 по кратко боледување.
1939 Перо Миленковски македонски писател роден во с. Слепче, Прилепско. Завршил Педагошка академија во Битола. Работел во редакцијата на „Нова Македонија“, како уредник на „Колибри“, Член на ДПМ од 1995 година. Автор е на книгите: Најубав ѓердан (поезија, 1970), Има една земја мила (поезија, 1989), Малиот сообраќаец, (поезија, 1990), Детестоп (поезија, 1993). Добитник е на наградата: „Ванчо Николески“ – Битола (II награда).
1945 Виолета Аларова поранешен градоначалник на Општина Центар, Скопје од 2000 – 2009. Веднаш по матурирањето се вработила во Македонското Радио каде што го поминала сиот работен век во траење од 36 години. Започнала од основните информации во новинарството, а завршила како Главен и одговорен уредник на Втората програма на македонски јазик и на јазиците на националностите во Македонско радио. Паралелно со работењето дипломирала на Правниот факултет во Скопје. Покрај новинарското творештво, Аларова со години работела како истакнат сатиричар во редакцијата на Остен, каде што е прогласена за новинар на годината. Напишала две поетски книги Врата без излез и Разговор со дождот во коишто се отсликува нејзината душа и љубов кон сите луѓе на светот. Автор е и на 9 драмски текстови, од кои драмата Црвената светлина е прогласена за драма на годината. Исто така, Аларова била и претседател на управниот одбор на МИА.
1981 Ѓорѓи Крстевски македонски поп-пејач роден во Скопје. Своето деби го имал во 1997 година, на фестивалот Тинс хит, каде со Билјана ја отпеал песната Само за тебе. Соработка со попдивата Калиопи, Крстевски ја остварил во 2002 година, кога на домашниот избор за Песна на Евровизија тој ја пееше нејзината композиција Песна за тебе. Живее во Скопје.
Починале:
1944 Маврово, Гостиварско живи в оган беа фрлени Куне Трпевски, Симун Трифуновски, Евдо Десовски и Мара Штерјовска.
1993 Во Скопје умре Јован Ивањин, македонски писател. Автор е на книгите поезија “Нијанси”, “Скици на далгите”, “Последна балада” и на романот “Ајазме”. Роден е во Скопје, на 3 април 1932 година.
2012 Ана Липша – Тофовиќ југословенска и македонска оперска пејачка родена во хрватскиот град Сисак. Таа на 4 август 1961 година влегла во историјата на македонската култура со концертот одржан во црквата „Света Софија“, со што било означено раѓањето на манифестацијата „Охридско лето“. Починала на 3 септември 2012 година на 86 години во Скопје. Од многуте награди што ги има добиено, таа е двапати добитник на наградата „11 октомври“ за улогата на Орфеј во операта на Глук и за животно дело.
1944 Маврово, Гостиварско живи в оган беа фрлени Куне Трпевски, Симун Трифуновски, Евдо Десовски и Мара Штерјовска.
