ЗОВИЌ
Селото Зовиќ се наоѓа во средишниот дел на областа Мариово. Сместено е на една карпеста зарамнетост веднаш над самиот лев брег на Градешка Река. Се наоѓа на надморска височина од 725 метри помеѓу два ридски гребени на југ и север на чиј врв е изградена малата црквичка Свети Атанасиј, во подножјето на висорамнината Добро Поле. Името на селото е добиено најверојатно по името на една чешма (извор) која се наоѓала во денешно Зовиќ, а која селаните на тогашното старо село Леништа ја викале „Бзовиќ“ поради тоа што околу неа имало многу боз. Крај селото веднаш по познатиот Зовички мост, Градешка Река која извира и дотекува од планината Ниџе навлегува во карпеста клисура од каде кај местноста Еленик се спојува со реката Сатока која потоа се влева во Црна Река. Преку велосипедска и пешачка патека во должина од 11 километри или 3 часа и одење пеш преку реките Градешка и Сатока, Зовиќ е поврзано со селото Манастир во прилепскиот дел на Мариово. Зовички мост (или Камен мост) е познат лачен камен мост преку Градешка Река, кој се смета за едно од најубавите архитектонски зданија во Мариово. Поради тоа, овој мост бил инспирација на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски да сними дел од играниот филм Прашина на самиот мост. Овој камен мост бил изграден во периодот 1955/56 година на местото на стариот дрвен мост, кој се преполовил во 1952 година под товарот на некој мештанин, селанец кој водел претоварена воловска кола. Веднаш потоа е изграден новиот постоечки мост од мајсторот Ѓуладин или Џуладин по потекло од селото Лабуништа, кој заедно со своите работници живееле во селото додека се градел мостот. Тука е и фреската на Свети Ѓорѓи насликана на висока карпа кај приодот кон Камениот мост, која е остаток од пештерното црквиче кое постоело таму, а веднаш до него постои и возобновена воденица. Етно куќата „Кај Мостот“ во село Зовиќ, Мариово семејниот ресторан на Митко и Наташа Крстевски, функционира веќе неколку години и се докажа како вистинска дестинација за љубителите на традиционални гурмански специјалитети.
