домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Воведение на Пресвета Богородица (Кучевиште) - Свети Спас

АванТуризам – Воведение на Пресвета Богородица (Кучевиште) – Свети Спас

Воведение на Пресвета Богородица (многу позната и како Свети Спас) е главна селска црква во скопското село Кучевиште споменик на културата на Македонија. Се верува дека е подигната во периодот 1321-1331 година и дека била подигната од страна на жупанот Радослав. Црквата била изградена и живописана со средства на властелинското семејство, чии членови биле Арсен, Радослав и Владислава. Црквата всушност претставува збир на повеќе градби. Првобитната црква потекнува од 1348 година, а подоцна била доградена припрата и затворен трем, кој некое време служел и како училиште. Црквата, во основа, има облик на впишан крст во правоаголен простор, со висока купола над средишниот простор. Куполата се крепи на четири столба. Поседува апсида од надворешната страна во петоаголен облик. Градбата на црквата била ѕидана со делкан камен, тули и малтер. При ѕидањето, фасадите биле украсени со керамопластична декорација. Кон западната фасада, црквата подоцна добила припрата, која имала приземје и кат. Приземниот простор на припратата бил засводен со три полукружни свода, а катот над приземјето имал облик на еднокорабен засводен простор. Припратата потсетува на црквите-гробници, во кои биле закопувани ктиторите. Подоцна, на западната страна од самата припрата и на јужната страна на црквата бил изграден широк трем. Црквата е целосно живописана, освен припратата од јужната страна. Во текот на XIX век, живописот бил пресликан, но тој живопис бил отстранет во текот на 1960-тите години со конзерваторска постапка. Фрескоживописот е делот на двајца непознати зографи, кои несомнено биле мошне талентирани. Според други извори се работи за зографот Григориј. Во 1337 година била насликана припратата. На северниот и јужниот ѕид, непознатиот сликар ги насликал портретите на ктиторите: војводата Дејан и неговата жена Владислава, сестра на жупанот Радослав, застанати покрај портретот на цар Душан и царицата Елена, а на северниот ѕид се насликани и нивните деца, Јован и Димитар. Околу 1348 година царот Душан ја приложил заедно со селото, кај црквата Свети Архангели кај Призрен. Во XVI век биле насликани поединечни фигури и композиции на јужната фасада на црквата, а во XVII век непознат зограф го насликал житието на Свети Ѓорѓи во самата припрата. Во 1845 година, Дичо Зограф заедно со своите соработници работел на обновување на иконите од иконостасот, кои за жал изгореле во пожарот од 1983 година. Црквата поседува капела посветена на Свети Никола, која се наоѓа на катот од припратата. Таа била повторно живописана во 1501 година.

Ден 18 април 2025

00:01:17