домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Црквата Свети Спас (источно од тврдината Кале)

АванТуризам – Црквата Свети Спас (источно од тврдината Кале)

Црква Свети Спас е една од најзначајните и се наоѓа источно од тврдината Кале. Црквата е споменик на културата заштитен со закон, а во нејзе се врши богослужба и верски обреди само за нејзиниот патронен празник Спасовден. Црквата е тробродна, средниот брод е засводен, страничните се рамни и покриени со штици во коцки, додека во западниот дел е подигната галерија за жени. На јужниот ѕид, повисоко од денешното ниво на подот, во текот на поправката на црквата 1963-64 година е откриен живопис од XVI-XVII век. И токму овој ѕид зборува за дел од историјата на оваа црква подигната во XVI век. Во текот на XIX век црквата го добила својот конечен изглед. Во 1824 бил довршен иконостасот, а во 1867 бил изработен дел од престолните икони. За изведување на иконостасот и иконите, свој придонес дале занаетчиските еснафи и трговци од Скопје. Овој иконостас според своите уметнички квалитети спаѓа во редот на најубавите мијачки копаничарски дела воопшто. Иконостасот е долг 10 метри и одговара на трите брода на црквата. Висок е 4,50 метри, додека во средниот дел каде што е поставен крстот со распетието височината му изнесува 7 метри. На северниот и јужниот дел иконостасот се прекршува и продолжува по еден метар во должина од секоја страна, но со многу помала височина. Мотивите на иконостасот, се позајмени од Светото писмо. Но, декоративниот елемент на разни сцени од Светото писмо не останал осамен, сето тоа е поврзано со лисја, цвеќиња, животни, и понекогаш со мотиви на геометриски орнаменти. Престолните икони, во најголем број, се работени заедно со иконостасот, и тоа го дознаваме од натписите што се наоѓаат на некои од нив. Две престолни икони се изработени 1867 година и на нив стои записот со името на дарителот и сликарот. Во годините кога тајфата на Петре Гарката го изработила иконостасот, таа ги изработила владичкиот престол, проповедницата, проскиниторот – постолјето за целивање на икони и двата аналоја – певниците. И на иконостасот и на погоре споменатите предмети главно владее барокниот стил. Но низ него помалку или повеќе се преплетуваат и други стилови. Со старите дрворезбарски творби на средновековната уметност, со позајмување на мотиви од готиката и ренесансната уметност, а потоа со натуралистички мотиви, композиции од рококо стилот и со мноштво мотиви од источната, Исламска уметност.

Ден 18 април 2025

00:01:17