домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Цоцев Камен

АванТуризам – Цоцев Камен

Цоцев Камен е вулканска карпа која во праисторијата се користела како мегалитска опсерваторија. Се наоѓа во атарот на кратовското село Шопско Рударе, поточно во близина на маалото Цоцевци и селото Коњух. Самата карпа се издвојува од околните ридишта е интересна сама по себе. Станува збор за неолитска населба, во која населението се занимавало со земјоделство и лов. Самата карпа претставува духовно светилиште, што е забележливо од многуте остатоци видливи и денес, како и од предметите пронајдени во непосредна близина. Оддалеку, Цоцев Камен изгледа како и секоја друга карпа. Но, на неколку чекори од неа се отвора грандиозен локалитет. Вдлабнатините во вид на пештери се поставени на катови, а пред нив има платоа, базени за ритуално капење, остатоци од скалила, камен престол, седишта. Пред околу 10.000 години праисториските луѓе изведувале ритуални танци на карпата, се капеле под водопадот и им принесувале жртви на боговите на виното и на плодноста. До пештерите се стигнува со помош на скалила, кои водат од подножјето на карпата до врвот. Искачувањето по стрмнините на карпата е еднакво на некој екстремен спорт. Главните церемонии се извршувале во пештерата на второто ниво на Цоцев Камен. Во неа се издлабени едно мало и едно големо корито. На врвот на карпата има два базена, кои најверојатно служеле за ритуалните капења. Дел од ритуалните церемонии се изведувале и на платото, на кое во карпата се издлабени два престола и неколку седишта. Од седиштето се набљудувале Сонцето, Месечината и ѕвездите. На исток од овие камени столови, на соседниот рид до Цоцев Камен, се наоѓаат мегалити, односно ориенти по кои се одредувала позицијата на Сонцето. Во близина на главниот мегалит има издлабена полумесечина, а на земјата има изработено голем сончев диск. Пештери има и на западната страна на карпата, но таму не се изведувале ритуали. На ѕидот на една пештера има некаков вид писмо, чии симболи се исцртани со црвена боја. На средината доминира насликаниот орант, тип божество карактеристично за доцната бронза и класичниот период. Својата функција на опсерваторија од камено време Цоцев Камен продолжил да ја одржува во неолитот и во бронзеното време. Неколку века по новата ера светилиштето згаснало. Вредноста на Цоцев Камен е откриена во 1971 година. Некои истражувачи го сметаат за единствен локалитет во светот кој на едно место има светилиште, жртвеник и опсерваторија. Видливи се и остатоци од човечка обработка. На стотина метри источно од Цоцев Камен се наоѓаат мегалити кои служеле како сончеви и месечеви нишани. На врвот на карпата се наоѓа престол свртен на исток кон нишаните, од каде што може да се следи во која точка изгрева Сонцето и Месечината и според тоа да се формира сончев календар. Мегалитите имаат дополнителни врежувања врз нив и во непосредна близина се најдени изработени месечиви во голема димензија, што претставува сведок за тоа дали еден објект претставува опсерваторија.

Ден 18 април 2025

00:01:17