ТРЕСОНЧЕ
До селото Тресонче води асфалтен пат кој се двои од месноста Бошков Мост од регионалниот пат Дебар — Маврово и продолжува по текот на Мала Река. Се наоѓа во срцето на планината Бистра, во западна Македонија, а е распослано по левата и десната страна на Тресонечка Река, која извира во непосредна близина на селото. Оддалечено е 22 километри источно од градот Дебар. Тресонче е едно од најстарите села во Македонија. Неговото име најнапред било Старо Село. За првпат се споменува во еден попис од 1467 година. На западната страна на селото, пред самиот влез и во непосредна близина на храмот Свети Петар и Павле се наоѓа и црквата Свети Никола. Трите светилишта, односно „Свети Никола“, „Свети Петар и Павле“ и „Света Петка“, според едното толкување, го претставуваат толкувањето на името на селото „тре санче“ (три светци; т.е. Тресанче). Според второто толкување името на селото е од глаголот „тресе“. Третата можност, која веројатно најточна е дека името Тресонче доаѓа од манастирот Трескавец, Прилепско. Првото училиште во селото е изградено во 1852 но со години пред тоа, образованието на жителите се вршело во селската црква или во манастирот „Св. Јован Бигорски“. Од Тресонче потекнале над 30 зографски тајфи и над стотина поединци – зографи, резбари и градители. Не случајно го викале и Назарет. За Мијаците се вели „не газат на гнила шчица“, додека не изучат нешто како што треба не тргаат подалеку од својот дом. На околу 3,5 км. во долината на Тресонечката река, се наоѓа пештерски комплекс – Долна и Горна Алилица, кои меѓусебно се поврзани со вертикален и кос канал, а вкупната должина на пештерските канали изнесува 590 м. Таму ќе ве дочекаат безвременските сталактити, сталагмити, сливови, корали, шупливи висулци и секакви необични облици, а сето тоа во еден амбиент кој е збогатен со високи водопади и подземни бистри, проѕирни езерца. Плени и Кањонот Тресонче, на Тресоначка Река со 11-те водопади. Најмалиот пад на водата е од 3-4 метри високите карпи, а најголем и секако највозбудлив е оној каде што водат паѓа од висина од 38 метри. По патот до с. Тресонче на Мала Река има еден мост што го викаат Елен Скок.
