Тетово – град во северозападна Македонија, на падините на Шара, односно во долната Полошка Котлина. Според една легенда во непосредна близина меѓу два рида, живеела голема змија од која се плашеле сите. Само Тето излегол храбар маж, наоружан со лак и стрела и со меч и штит, качен на брзоног коњ се упатил кон местото. Кога стигнал таму, се појавила змијата и му го попречила патот. Кога влекачот се доближил до него, тој замавнал со остриот и шилест меч и го пронижал. Така биле ослободени луѓето од опасната ѕверка. Во сеќавање на јунакот Тето, месното население населбата ја нарекло со името Тетово. Друга верзија е дека името потекнува од старословенскиот збор „хътѢти“ – сака, „хътѣтово“ – сакано место. Во XV век, со отпаѓањето на буквата “х”, населбата била преименувана во Тетово. Тетово како мултикултурна средина се одликува со главно две поголеми религии. Тоа се исламот и христијанството, т.е. православието. Седиштето на Полошка епархија се наоѓа во соборниот храм Св. Кирил и Методиј во Тетово кое има 72 цркви, 10 манастири, 6 параклиси и еден крст. Во културното наследство на Тетово се вбројува и Шарената Џамија дел од комплекс на објекти од исламската култура, еднокуполна џамија со многуаголно минаре, чешма, турбе, амам и беговите конаци, каде џамијата го зазема централното место. Со доаѓањето на Турците се развива едан друг вид на култура. Нејзино огниште станува комплексот на бекташиското теќе наречено Арабати Баба, изградено од Серсем Али Деде. Османлиите на Тетово му подариле многу јавни и верски објекти кои припаѓаат на исламската култура: џамии, теќиња, народни кујни за сиромашните, амами (јавни бањи), шадервани (фонтани) и стариот Топовски Мост. Тетово има свое кале на Балтепе, веднаш над Тетово изградено во 1820 год. од Абдурахман Паша. Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ развива голем број културни активности: музички, театарски (драмски), активности од ликовната и книжевната уметност.
