домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Свети Пантелејмон, с. Горно Нерези

АванТуризам – Свети Пантелејмон, с. Горно Нерези

Св. Пантелејмон е манастирска црква во истоимениот манастир во с. Горно Нерези, на планината Водно, осум километри југозападно од Скопје. Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат црквата изградена во македонски стил и манастирските конаци. На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, коешто по своите квалитети се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата Комнини. Црквата била подигната од византискиот принц Алексеј Ангел син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот цар Алексеј I Комнин (1081 – 1118). Црквата која е изградена во македонски стил, според своите димензии, спаѓа во редот на помалите цркви од типот впишан крст во правоаголен простор, односно комбинација со слободен крст. Од времето на градењето на црквата во 1164 година до 1555 година, кога во овој крај се случил еден од посилните земјотреси, манастирот бил целосно сочуван и црквата ја загубила централната купола во којашто, може да се претпостави, бил насликан Исус Христос Седржител, со фигурите на пророците фланкирани од страните на осумте прозорци. Биле оштетени и некои од сводовите, во кои биле насликани композиции што ги илустрираат Големите празници. Во втората половина на XIX век врз постариот живопис бил насликан нов кој бил дело на невешт зограф, и со кој целосно бил покриен стариот живопис. Во 1926 година повторно е откриен поголем дел од стариот живопис. Врвно дело на главниот зограв се композициите Оплакување Христово и Симнување од крст. Композицијата „Оплакување Христово“ е позната тема која се сретнува речиси во сите цркви насликани пред и после живописувањето на нерешката црква. Но Оплакувањето во Нерези од сите нив се разликува, не толку по иконографските посебности, колку по извесни елементи што се покажуваат како достоинство на непознатиот зограф од Нерези. Во прв ред тоа е нагласеното истакнување на внатрешните чувства на прикажаните личности. Св. Богородица е насликана како мајка која плаче над својот мртов син. Нејзиното лице покажува болен израз на длабока болка, а погледот е вперен во лицето на мртвиот син кого што го држи во драматична прегратка. Оваа композиција во Нерези се смета за предвесник на ренесансата во Италија и дека всушност ги има сите потребни елементи што ја карактеризираат и Џотовата Св. Богородица, која е претставена како млада силна жена со малку натажено лице.

Ден 18 април 2025

00:01:17