домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Свети Никола Шишевски

АванТуризам – Свети Никола Шишевски

Свети Никола Шишевски, е средновековен манастир во близината на селото Шишево, високо над карпите во кањонот Матка од десната страна на реката Треска. Манастирот е сместен високо на една зарамнета тераса на карпите, над десниот брег над вештачкото езеро Матка над реката Треска. Од градот Скопје е оддалечен 18 километри, а од селото Шишево околу 3 километри. Точниот датум на изградбата на манастирската црква посветена на Свети Никола е непознат. Сепак постои податок дека црквата била обновена во 1345 година од страна на поп Ненад и други ктитори. Во еден препис на манастирски Поменик се споменува дека во подигањето и живописувањето на постарата црква помагал кралот Марко, така што нему може да му се припише ктиторството. Не се знае точно кој бил ктиторот на новата црква, а се претпоставува дека лично се заложил скопскиот митрополит Симеон. Кон средината на XV век се споменува дека во манастирската црква имало само еден калуѓер. Манастирската црква се состои од две градби. Над влезот на црквата постои голема фреска од светецот Свети Никола, патрон на црквата. Исклучително интересно е присуството на камената релјефна плоча на јужната фасада. Позната како Симаргл, Огнебог, бог на огнот и на месечината, заштитник на семињата и посевите, истерувач на зимата и најавувач на пролетта. Таа е вметната под лакот во средината на полето со декоративен опус ретикулатум. Централно на плочата има кружен отвор околу кој се развива релјефна декорација со животински мотиви. Сличен елемент има и над влезот на западната страна, кој е оштетен и не се знае дали воопшто имал ваква релјефна декорација. Во црквата Св. Никола има два слоја живопис. Старите фрески кои потекнуваат од XIV век делумно се откриени под живописот од XVII век. Живописот од 1630 година ги носи сите одлики на овој период. Занимливост претставуваат имињата на посетителите на манастирот кои се потпишувале на фреските при нивните посети од 1860 до 1924 година. Од некогашните манастирски конаци, денес видливи се остатоците од темели јужно и источно од црквата, на кои се изградени летниковци со прекрасен поглед кон црквата Свети Андреја.

Ден 18 април 2025

00:01:17