Сурварите се пандани на бабарите, василичарите, џамаларите. Тие одат, маскирани во големи групи, напати преправени во мечки, напати во волци и слично, а позната е сликата на Циганот кој оди со Циганката, со задолжителното бебе. Тие одат по куќите за да добијат пари и храна и да благословат, со цел од куќата на домаќинот да ги истераат „злите духови“, бидејќи во некрстените денови низ куќата волнуваат лошите духови. Тие притоа маваат со стапови, викаат, креваат голем шум, палат огнови и рипаат преку нив (малата и големата Ората-копата и сл.). Во кумановскиот регион на денот на Стара нова година, почнувајќи од појавата на мрак, па сѐ до вечерните часови околу 20 или 21 часот, низ селата од куќа на куќа одат сировари кои со себе носат „тропатала“, односно закачено ѕвоно на прачка. Тие собирале разни производи од домаќините, почнувајќи од брашно, ореви, јаболко, месо, свинска маст, па сѐ до ситни пари. Дел од собраните производи, како што кажуваат постарите, подоцна некои од нив ги продавале за да „дојдат до некоја паричка“, а некои од нив си ги носеле дома за себе. Порано сироварите биле и до триесет годишна возраст, а со себе носеле и магаре на кое ги ставале собраните производи, затоа што во тоа време домаќините биле особено дарежливи, па се собирало храна и со вреќи, додека пак особено познати по магарето биле Станко и Здравко од населбата Ајдучка Чешма. Сироварите порано оделе во поголеми групи од дваесет до триесет луѓе, а некои дури биле и маскирани. Од стемнување па сѐ до осум или девет часот вечерта, на портите на домаќините или на нивните прагови пред куќата можеле да се појават возрасни луѓе маскирани како снашка, младоженец, свекор, свекрва, ѓавол итн., односно тие се маскирале во она што со векови било најзастапено низ традицијата. Постарите велат дека овие сировари биле вистинска атракција кои едвај чекале да им отвори домаќинот за да му побараат малку ракиичка или пак брашненце, а потоа да ги извикаат во дворот, па и да им кажат некој „циркус“. А пак невестата, која најчесто била маскиран маж била задолжена за собирање на пари, но притоа морала и да му ја бакне раката на домаќинот, бидејќи била во улога на „млада невеста“. Сироварите исто така знаеле и да прават особена врева, па дури и да играат ѓаволско оро со кое сакале да ги заплашат духовите за да избегаат, но како што се кажува низ нардот, сепак во кумановскиот крај и тоа било пропратено со смешни мигови, затоа што не само начинот на зборување туку и начинот на нивната игра бил со комични елементи. Песните коишто се кажувале за овој празник, како и за Бадник, немале некоја особена мелодија туку се кажувале со скандирање, особено бил повишен гласот на почетокот и на крајот на песната, со цел да се „разбудат домаќините“ и да се сетат на традицијата.
