Струмица — град во југоисточниот дел на Македонија. Според пописот од 2002 година градот има 35.311 жители и според тоа е најголем во Југоисточниот плански регион и десетти најголем град во Македонија. Градот се наоѓа во Струмичкото Поле и лежи на падините на планината Еленица, каде што е сместена средновековната тврдина Цареви Кули. На околу 12 км под планината Беласица се наоѓа селото Банско, а во негова непосредна близина и термоминералните извори на Бања Банско. Јавната Здравствена Организација Природно Лекувалиште Бања Банско е сместена во хотел Цар Самуил. Струмичкиот крај е богат со мошне вредни, па и уникатни културно-истириски споменици од времето на антиката па се до денес. Комплексот цркви “Св.15 тивериополски маченици” е една од најстарите ранохристијански базилики на Балканот. Со неа е сврзано народното предание за 15-те христијански маченици дојдени од Тивериопол. Манастирската црква во Вељуса “Св. Богородица Елеуса” (Милостива) е единствената градба од таков вид во Македонија од периодот на 11 век. Во непосредна близина на Банско е изградена црквата “Св. 40 Севастиски маченици”. Се смета дека настанала по пропаѓањето на Самоиловата држава, односно во 11-12 век. Двата живописни водопади Смоларски и Колешински водопад претставуваат задолжително место за посета во Струмичко. Струмичкиот карневал се одржува традиционално секоја година, во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот Велигденски пост.
