Русалиските дружини се формирале од најдобрите луѓе во селото или во крајот. Дружината требало да биде составена од 32 души (според една легенда од Гевгелиско во која се дават двајца љубовници, момче и девојка во Вирот кој се полнел од 32 извори 6 од кои 12 биле играчи а другите придружници — „нивна војска“. Меѓу нив се избирал кеесебашија, двајца питачи кои требало да ги собираат даровите, танчар и еден балтаџија. При изведувањето на игрите танчарот ја имал раководната улога во групата, додека балташијата ги управувал играчите и ги бранел од секакви напади, како што вели народот „видими и невидими“. Тој всушност бил и нивни старешина кој ги водел низ него, за разлика од другите играчи кои во играњето носеле сабји — „кол’чки“ се одликувал со тоа што во десната рака држел балта — секира со која ја вршел таа задача, односно го управувал и го бранел орото од невидливи сили. За изведувањето на овие игри русалиите се променувале во специјална облека — бела русалиска промена, свечена народна носија богато украсена со разни украси и со крпи вкрстени на градите и на плеќите. Вака променети тие ги имитирале самовилите ветрушките, замислените суштества, кои според народното верување биле облечени во бела промена и се шетале тоа време, скитале, односно биле слободни и можеле да одат каде што сакаат. Русалиите за време на овие деништа требало да се борат за да ги изгонат нив или да ги омилостиват душите за да не им пречат на луѓето преку годината. Присуството на народната драма во Русалиите се огледува и во нивната општествена функција. Имено „нивната кооперативна, социјална и хумана основа“. Познато е дека русалиите се изведуваат поради „вакуф“, што значи за општо добро. Тенденцијата со здружени сили да се направи нешто корисно можеби и по цена на жртви доаѓа до полн израз и реализација. Од парите кои ги собира русалискиот благајник, ќе се подигне школо, ќе се купи камбана, ќе се ископа бунар или ќе се помогнат сиромашните. Затоа тие играат околу куќите за бериќет, околу болните што ги оздравуваат, околу несреќни што ги љубат нивните сабји или влегуваат во кругот на играчите низ нивното оро да го бараат својот спас.
