Маскирањето на Прочка во Прилеп постои одамна. Традиционална маска заштитен знак за Прилеп е мечкарската. Мечкарските маски се направени од пресни кожи кои се врзуваат од рано наутро на студено место. Суратите се од црна чоја, вепарски заби, а се користат и препарирани животни. После завршувањето на карневалот, прилепчани им плаќаат на “мечкарите“ за да си го откупат сопствениот живот. Касапите пак наредниот ден се собираат на касапски посен грав за да си ги “измијат” гревовите што ги направиле на прочка. Овај традиционален обичај го одразува етно – културниот идентитет на Македонија и претставува уникатна појава на Балканот, Европа, па и во светот. Многувековното празнување на Прочка од 2001 прерасна во организирана културна манифестација „Прилепски карневал“ со меѓународен карактер, а на 21 Мај 2006 истиот стана член на Европската Федерација на Карневалски Градови FECC. Секоја година Прилеп е домаќин на над 300 гости од повеќе држави од Европа. Низ центарот на градот дефилираат над 1000 групни и поединечни маски, а за најубавите следуваат награди. Покрај дефилето на маски, настанот е збогатен со концерти, клубски забави, настапи на културно – уметнички друштва, изложби на маски, како и презентации на традиционалната македонска трпеза.
Одборот за организација на традиционалниот Василичарски карневал што секоја година се одржува во потпелистерското село Цапари, денеска соопшти дека утре претпладне низ улиците во тоа село ќе продефилираат педесттина лица од различни возрасти под маски. Василичарскиот карневал датира од педесетите години на минатиот век, кога одредени организатори имале и проблеми со тогашните власти кои не ја поддржувале оваа традиција на жителите од село Цапари. Најавени се најразлични маски од учесниците на карневалот кои во 9 часот ќе се соберат на средсело, а потоа ќе минуваат низ сите селски улици каде ќе бидат пречекани од локалното население, но и гостите од Битола и други градови каде сега живеат многу цапарчани.
Радовишки детски карневал во Радовиш се одржува Меѓународен радовишки детски карневал во рамки на КАРАМАНОВА ЛЕТНА СЦЕНА. Меѓународниот радовишки детски карневал е во организација на Центарот за култура „Ацо Караманов“ а под покровителство на Општина Радовиш, поддржан од рудникот Бучим, Детонит и компанијата Адора Инженеринг. Радовишани не ја пропуштаат оваа можност и да бидат дел од карневалските случувања во Радовиш, кои полека прераснуваат во традиција. Mозаикот на детската фантазија, прекрасните бои, детските насмевки, среќата и радоста на најблиските и одговорноста на учесниците и организаторите се причина Радовиш да блеска во карневалскиот сјај со учество на повеќе од 1000 маски од земјата и странство. Почнувајки со предавањето на клучот од градот на карневалистите од страна на Градоначалникот, преку велелепната поворка низ улиците, креативното претставување на секоја маска и секако со доделувањето на наградите на најуспешните маски ја заокружува оваа прекрасна манифестација.
