Центарот на Попова Шапка, со надморска височина од 1780 метри, благодарејќи на релјефот, и идеалните терени, станува идеален за издигнување на спортски центар. Голем дел од планинскиот масив во Македонија е сместен во најновиот национален парк „Шар Планина“, прогласен на 30 јуни 2021 година. Шара е богата со вода, а тоа го потврдуваат 27 планински езера, 100 поголеми извори, изворишта над 25 поголеми планински реки и водопади. Шар Планина има огромен потенцијал за развивање на неколку вида на туризам, како и за развивање на планинските спортови: скијањето, планинарството, алпинизмот, планинскиот велосипедизам, параглајдерството, спортскиот лов и риболов и друго. Поради тоа што се одликува со голем број сончеви денови, во летниот период претставува појдовно место за неколку планински искачувања и прошетки по живописните пејзажи, а теренот е идеален и за љубителите на велосипедизмот. Секое лето овде се одржува планински велосипедски маратон „Шарски Води“. Попова Шапка располага со неколку скијачки патеки, три хомогенизирани патеки според стандардите на ФИС, две жичарници и девет ски-лифтови, со капацитет од 8000 скијачи на час. Во последно време, Шапка ја посетуваат сѐ повеќе љубители на сноуборд и на екстремно скијање. На овие патеки се одржува и традиционалниот Шарпланински куп во велеслалом и слалом. На Попова Шапка се изградени неколку хотели и одморалишта, како и неколку стотини приватни викендички, а има и планинарски дом, како и 10-тина други објекти.
