Охридско-коселска вулканска област се наоѓа северно од Охрид. Тука вулканската активност е поврзана за систем на раседи од кои најпознат е Коселскиот расед. По должината на раседните структури кај селата: Песочани, Вапила, Косел, Велгошти се појавуваат поствулкански појави како што се мофети. Најпозната е солфатарата-мофета кај селото Косел.
Косел е село во Општина Охрид, во околината на градот Охрид. Името на селото доаѓа од турскиот збор „косел“, кој означува сулфур. Така е наречено поради постојаниот мирис на сулфур во селото, кој доаѓа од солфатарата Дувало (погрешно нарекувана „вулкан“). Косел се наоѓа во Охридско-коселската вулканска област што се протега северно од Охрид. Така, селото е сместено на Коселскиот Расед и може да се сретнат поствулкански појави, како што се мофетите. Најпозната е солфатарата-мофета над Косел, наречена Дувало. Во XIX век, Косел било село во Охридската каза на Отоманското Царство. Пред крајот на турската власт, во селото постоеле неколку турски чифлици. Сопствениците на чифлиците живееле во Охрид. Во минатото селото се делело на два дела, Горен и Долен Косел. Меѓутоа, Долен Косел воглавно не постои, бидејќи неговите жители се иселиле или пак се населиле во Горен Косел. Археолошки наоѓалишта – Горна Горица — средновековна некропола; Градиште — утврдена населба од бронзено време; Св. Илија — средновековна црква и некропола; Св. Јован — средновековна црква и некропола; Сред Село — некропола од хеленистичкиот период; и Црквата — средновековна некропола. ЦРКВИ – Црква „Св. Никола“ — главна селска црква, постојат два објекти, стара и нова црква; Црква „Св. Илија“ — манастирска црква; Црква „Св. Недела“ — црква изградена на излезот од селото, во непосредна близина на патот Охрид-Ресен; и Црква „Св. Петар и Павле“ — селска црква. Параклис „Св. Јован Крстител“ — параклис
Дувало, позната и како Коселска Чадилка — чадилка, остаток од некогашниот активен вулкан кој се наоѓа во близина на селото Косел, во сливот на Коселска Река која се влева во Охридското Езеро. Надморската висина на фумаролата е 740 метри. Тоа е кратер со пречник од 0,5 метри и длабина од околу 30 сантиметри од кој избива сулфур диоксид и јаглерод диоксид. Мирисот на сулфур се чувствува во пречник од околу три километри. Дувало е заштитено како споменик на природата. Косел во поранешна Југославија во учебниците по географија за основно образование бил опишан како ретка геолошка појава, единствен активен вулкан на Балканот. Според Институтот за географија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, Дувало не е вулкан, тука немало излевање на магма, туку пукнатина од која излегуваат гасови. Солфатарата низ историјата станала култно место во Охридско. Поради лечење на кожни болести тука доаѓале луѓе и од другите оддалечени краеви на државата. Исто така, мештаните потврдуваат дека поради споменатиот сулфур во воздухот, селото било поштедено од маларични комарци и маларија, која била редовна појава во другите села.
