Мавровско Езеро — вештачко езеро во северозападниот дел на Македонија. Се наоѓа на 1.200 м надморска височина меѓу шумовити и високи планини. На југ е заградено со шумовитата и тревна Влаиница, а на север со огранците на Шар Планина. Сè до 1947 година на местото на денешното езеро се наоѓала Мавровската Котлина низ која течела Мавровската Река. Тогаш на реката на излезот од котлината и бил затворен патот кон Радика со голема земјена брана. Така котлината започнала да се полни со вода, а на нејзиното место се создало Мавровското Езеро. Новосоздаденото езеро поплавило 1.370 хектари земјиште во тогашното Мавровско Поле претежно под ливади и насобира околу 357 милиони кубни метри вода. Мавровското Езеро е долго 10 км, а широко од 5 до 3 км. Најголемата длабочина од 50 м ја достигнува во близина на браната која е висока 54 м, долга 210 м и широка 5 м. Во основата браната е широка 286 м и во неа се вградени 705.000 м3 материјал. Денес езерото освен со помалите притоки со вода се полни и од реката Радика. Канализираните води на оваа река се користат за добивање електрична енергија и за наводнување. Во зимскиот период езерото замрзнува секоја година. Мавровското Езеро е порибено со пастрмка и со други риби, а околината му е богата со разновиден дивеч. Над езерото од сите страни се издигаат високи листопадни и иглолисни шуми, кои се огледуваат во бистрата езерска вода. Тие му даваат посебна убавина и изглед.
Младост (или Велешко Езеро) — вештачко езеро северно од градот Велес, на земјиште кое е во сопственост на Република Македонија. Сообраќајниот пристап е преку асфалтиран месен пат од правец на Велес кој оди по брегот на езерото, минува низ браната и продолжува до автопатот Скопје-Велес. Во рамките на месноста постои асфалтиран пат кој го поврзува месниот пат со комплексот на мотели. Крај самото езеро работат многу посетуваните и познати места: мотелот „Романтик“, а на водите на самото езеро работи мотел-ресторан на бродот „Панини“. Езерото било изградено со цел за наводнување на лозовите насади и земјоделските плантажи во околината кои често страдале од суши во минатото. Денес, езерото „Младост“ е многу посетувано туристичко место. Местото е поврзано со тамошната 10-киловатна мрежа, до него постои телефонска мрежа. Во хидрографски поглед месноста се наоѓа покрај акумулацијата „Младост“ на реката Отовица, лева притока на реката Вардар. Урбаното планирање на езерото опфаќа: сателитска населба за домување, комерцијални содржини, угостителство и зона за спорт и рекреација. Езерото е најчесто посетено за спортски риболов (застапени се рибите: крап, сом, шаран, бојник), излети и пикници за празници како 1 мај, Илинден и капење во летните месеци. На брегот на езерото постои камп со приколки и шатори во кои често престојуваат луѓе во летниот период. Во околината на езерото се изградени и сè уште се градат голем број на викендички. Околните ридови се пошумени со густа борова шума која придонесува за пријатниот амбиент на езерото.
