домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Марков Манастир

АванТуризам – Марков Манастир

Марков Манастир, Свети Димитрија, е православен манастир кој се наоѓа јужно од селото Маркова Сушица, по долината на Маркова Река на нејзиниот лев брег, на 20 км од Скопје. Во самиот манастир се наоѓа црквата Св. Димитрија и импозантната камбанарија. Како најважен сочуван изворен документ за изградбата во Марковиот манастир претставува натписот над јужниот влез внатре во црквата, кој ја има следната содржина: Се обнови овој пребожествен храм на светиот великомаченик христов победоносец и чудотворец Димитрија, со усрдието и поспешението на благоверниот крал Волкашин и со благоверната кралица Елена и со премногу љубените нивни ќерки и синови благоверниот крал Марко и Андреаш, Иваниш и Димитар во годината 1377. А овој манастир почна да се ѕида во 1345 во дните на благоверниот цар Стефан и христољубивиот крал Волкашин, а се заврши во дните на благоверниот и христољубивиот крал Марко. Втор изворен документ претставува полилејот на кого се излиени букви со имињата на ктиторот како и за дел од историјата на црквата. Историјата на манастирот ја надополнуваат и записите испишани на столбовите и на ѕидовите на црквата. Веднаш од десната страна започнуваат манастирските конаци и други помошни простории. Покрај конаците се наоѓа уште и фурна, казани за печење ракија, бунар со студена вода и мошне стара воденица која е сочувана како секавање на времето кога житото се мелело на таков начин. Од западната страна на црквата, во 1830 г., изграден е отворен трем ѕидан од делкан камен, за кој средства дал Хамзи-паша Скопски. Меѓу зградите на конаците се наоѓа старата трпезарија која има форма на еднокорабна црква со апсида на северната страна. Ѕидовите на трпезаријата биле покриени со фрескоживопис. Првобитниот иконостас на црквата наполно е зачуван. Од некогашниот голем број икони денес се сочувани само 42 од кои најголем дел се многу оштетени. Најзначајно внимание заслужуваат петте икони како најдрагоцена вредност на целата колекција икони од Марков манастир. За време на изградбата на црквата или нешто подоцна бил изграден и параклис на јужната страна каде биле насликани ктиторските портрети на кралот Волкашин и Крале Марко, кои биле откриени за време на конзерваторските работи во 1963-1964 година. Во манастирскиот комплекс постои и параклис посветен на св. апостол Марко. Граден е во поново време, а фрескописот го извеле монахињата Илијана со тогашните апсолвенти на Ликовната Академија во Скопје, сестрите Даниела Недеска и Сарита Коневска. Марковиот манастир бил еден од најзначајните културно просветни и книжевни центри во минатото, книгите од манастирската библиотека се буквално разграбени, а истата судбина ја доживеале и голем број на уметнички предмети, кои се чувале во манастирската црква. Според досегашните сознанија, ракописи по потекло Марковиот манастир има во: Државниот историски музеј во Москва (Хлудовата збирка), Виенската национална библиотека, Хрватската академија на науките и уметностите, Српската академија на науките и уметностите, Белградска библиотека (Стара збирка) и Државната библиотека во Софија.

Ден 18 април 2025

00:01:17