Свети Андреј Првовенчани е манастир до езерото Матка, на 17 км од Скопје, во клисурата на реката Треска. Скриен е меѓу стрмните и високи карпи и претставува еден од ретките манастири во кој се зачувани повеќето натписи од времето на подигнувањето и живописувањето на црквата, значајни за нејзината историја. Посветен е на апостол Андреја. Другиот син на кралот Волкашин, Андреја, ја подигнал оваа црква во 1389 година. Фреските се дело на митрополитот Јован (брат на познатиот иконописец Макариј) и јеромонахот Григориј, кои се потпишани во проскомидијата. Во уметнички поглед овие фрески, според зборовите на стручњаците, претставуваат новина во македонското средновековно сликарство. Сликарите тука јасно ја изразиле тенденцијата за решавање на некои основни сликарски проблеми во перспектива и во поставувањето на фреските во одреден простор. Меѓу фреските секако треба да и се обрне внимание на композицијата „Молитва на маслиновата гора”, на јужниот ѕид од црквата. Во внатрешноста живописот е распоредеен во три хоризонтални зони. Притоа, изборот на композициите е намален со оглед на ограничениот простор за живописување. Фреско-декорацијата се издвојува, со своите стилски и уметнички квалитет, како и иконографските особености, од останатите споменици подигнати во Македонија во тоа време. Зографот Јован со работите врз фреско-живописот во „Св. Андреја“ ни се претставува како зрел и способен уметник, личност која што го издигнала ликовното творештво на повиоко ниво кон крајот на XIV век. Според зачуваните остатоци од долгиот натпис, кој бил испишан на другата зона од источниот ѕид, припратата била живописана во 1559/1560 година. Живописот е зачуван главно на источниот ѕид. Тука е претставен Деисиз (Богородица, Христос на престол и Јован Претеча), апостолите Петар и Павле, сцени од Богоридичниот акатист и други. Овој живопис се одликува со извесна монументалност, која не е одлика на сликарството од XVI век. Изгледа дека ктиторите настојувале новиот живопис од припратата да се урамнотежи со тој во наосот иако е очевидна временската разлика меѓу овие два живописа. Мајсторите зографи се истакнуваат со својата талеентираност и спремност, меѓутоа, тие не успеваат да го достигнат уметничкото ниво на нивните претходници – зографот, митрополит Јован и монахот Григориј.
