домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Кумановско - Светиниколска вулканска област и Костоперска карпа

АванТуризам – Кумановско – Светиниколска вулканска област и Костоперска карпа

Кумановско-светиниколска вулканска област се наоѓа меѓу селото Нагоричане − Кумановско до Свети Николе. Вулканите биле од линеарен тип, кои се наоѓале на местата на длабоките структури и од нив се излевала базична лава, а вулканските ерупции биле следени и со послаби експлозии. Лавата, која се продуцирала на површината на Земјата, градела сливови и плочи од базична лава што се наредени еден преку друг. Во одредени фази на работата на вулканите се продуцирала и одредена количина на пирокластични материјали што се наталожени преку сливовите на лави. Староста на оваа вулканска активност е на границата на олигоцен и на миоцен.

Костоперска Карпа или Жеглиговски Камен е импозантна базалтна карпа од вулканско потекло во околината на Младо Нагоричане, Кумановско на која постоела населба уште од бакарното време (IV-III милениум п.н.е.). Сместена на самата висорамнина на карпата, на 9 км источно од Куманово во областа Жеглигово. Во минатото тука постоеле околу 40 цркви, од кои денес се останати неколку. Поради тоа месноста била нарекувана Мала Света Гора. На самата Костоперска Карпа се наоѓа истоименото археолошко наоѓалиште. Според археолошките истражувања, тука имало бакарновременска населба која дала богат археолошки материјал, особено керамика која изобилува со прекрасни садови (особено ефектни се оние во графитна техника и со геометриски мотиви), како и ситна пластика, орудија и слично. Во раноантичкиот период (V-VI) век п.н.е. се развива населба на јужната падина на наоѓалиштето која била напуштена во III век п.н.е., за да повторно заживее во римскиот период. Како доказ се откриените римски гробови, а и малку подоцнежната ранохристијанската базилика на врвот на висорамнинката, веројатно од V век од н.е. Интересен е и подземниот објект во јужното подножје иденфикуван како цистерна составен од две простории и пристапен ходник. Од некогашните средновековни цркви во близина на карпата, (околу четириесетина) денес постојат Св. Врачи, Св. Никола (во темели) и како особено важни за науката, црквите Св. Ѓорѓи Победоносец и Св. Петка од поствизантискиот период (XVII-XVIII век). Во 1983 година со мали заштитни ископувања се откриени и истражени 6 гробни целости од првата половина на IV век пред нашата ера. Врз основа на овие податоци, а со цел да се приберат покомплетни стратиграфски податоци во 1987 година се вршени нови ископувања. Резултатите од севкупните работи покажале дека се работи за голема населба со широк хронолошки и културен континуитет. Најдолго населување е присутно на највисокиот дел на карпата – акрополот, односно висорамнинката кое на извесен начин било природно заштитено. Културните слоеви достигнуваат дебелина од преку 2 м. Најстарите остатоци потекнуваат од бакарното време. Најмногурбојни се фрагментите од керамички садови, квалитетно изработени, а има и алатки од камен и коска. На јужниот крај на терасата се откриени делови од садови со фактура и орнаментика карактеристични за железното време II. Сондирањата и деталната опсервација покажале дека на акрополот има керамички остатоци од IV-III век пред н.е. кои по орнаментиката и формите претставуваат копии на хеленистичката керамика. Најмногубројни се остатоците од доцноантичкото време (IV-VI век). Заедно со фрагментите од садови и градежна керамика во централниот простор се откриени и остатоци на темели од објект со апсида (можеби базилика) како и остатоци од бедем. Околу овој објект се истражени 7 средновековни гроба. Културната хронологија на Костоперска Карпа завршува со времето на турското владеење, претставено преку фрагменти од жолто и зелено глеѓосани керамички садови. Керамички наоди од хеленистичкото, а особено од доцноантичкото време се пронајдени и на терасите во подножјето на карпата на простор од околу 9 хектара. Посебно археолошко откритие претставува подземниот објект издлабен во јужниот дел на карпата. Се работи за објект со архитектонски ансамбл од една главна просторија со испусти што потсетуваат на клупи, неколку ходници, два резервоара, обезбеден со вертикални отвори за проветрување кој според големиот број керамички наоди е датиран во V-VI век. На 1 км западно од наоѓалиштето е откриена некропола од која се истражени повеќе гробови и според наодите датирани меѓу IV и VI век.

Ден 18 април 2025

00:01:17