домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Кожувска вулканска област

АванТуризам – Кожувска вулканска област

Кожуфска вулканска област е најмладата вулканска област во Р Македонија. Нејзината старост е одредена како миоценско-плиоценска до квартерна. Се наоѓа меѓу Кавадарци на север и планината Кожуф на југ со продолжеток кон Грција. Вулканската активност се карактеризирала со експлозивна работа на вулканите и продукција на голема количина на пирокластични материјали, кои, во периодот од плиоцен до квартер го заполниле Тиквешкото Езеро. Денес во морфологијата на планината Кожуф се забележуваат бројни остатоци од некогашните вулкани како што се: Васов Град, Коприва, Прашник, Цврстец, Острец, Дудица и Момина Чука. Со оваа вулканска област се поврзани и минерализациите: на бакар, на олово и на цинк на Дудица, како и минерализациите на: арсен, антимон, злато и талиум во Алшар.

Васов Град е палеовулканска купа во јужна Македонија, најзабележителната во Кожуфско-витачевската палеовулканска релјефна област. Се издига на западните падини на планината Кожуф југоисточно од с. Мрежичко. Висока е 500-600 м над околниот релјеф, а највисоката точка е на надморска височина од 1.401 м. На купата се наоѓа истоименото археолошко наоѓалиште, кое претставува утврдена населба од доцноантичко време. Купата е составена главно од андезитска лава. Околу купата има напласти на туфови и пирокластичен материјал, што укажува на експлозивниот тип на избув. Околу Васов Град има неколку паразитски купи како: Острец (1.550 м), Цврстец (1.535 м) и други.
Дудица се наоѓа на самиот јужен крај на Кожуф на планинскиот срт по кој води и македонско-грчката државна граница, а од неа се пружа убава глетка на целото било на Кожуф со највисокиот врв Зеленбрег (2168 м.), Порта (2097 м.), а кон запад и на Ниџе и Кајмакчалан, додека кон север е пространата висорамнина Витачево и Тиквешијата, а на југ занимливите карпести амфитеатрални облици кон котлината Меглен. Самиот врв Дудица има мал зашилен облик, а по неговите стрмни падини покрај изобилството од боровинки на тревнатите ливади има и сипари со ситни раздробени камења и песокливи засеци, а самата почва е полна со разни минерални суровини за што сведочат бројните минерални извори на вода, рудниците за сумпор, никел, талиум, лорандит (Алшар) во непосредната и малку подалечна околина. До врвот Дудица може да се пристапи од две страни и тоа од: кавадаречко – од селото Конопиште и одморалиштето Михајлово сместено во густата недопрена шума одејќи кон југ до изворишните подрачја на Жарница и Стара Река искачувајќи го и врвот Пулевец (1669 м.) искачувајќи се на сртот од каде може да се оди сè до Дудица, и од гевгелиско – од излетничката населба Смрдлива Вода и ски-центарот „Кожуф“ од каде искачувајќи се на највисокиот кожуфски врв Зеленбрег и одејќи само по сртот на Кожуф минувајќи го и врвот Порта и долот на Капетанова Чешма се искачува на Дудица. Искачувањата од двете страни изискуваат долго времетрање, но самата околина и природа нудат одлични можности и за кампување со шатори.

Ден 18 април 2025

00:01:17