Пред повеќе стотици милиони години, најголем дел од подрачјето на нашата држава било пространа морска површина, а највисоките делови на Кораб, Јабланица, Бистра, Галичица и други планини, се наоѓале на морското дно. Меѓу планинските масиви како макрорелјефни просторни целини, се разместени 24 котлински целини со поголем број полиња, предели и краеви. Имајќи ги предвид времето и условите на нивното формирање, се издвојуваат: − типични котлини (простори ограничени со водоразделни линии, кои ги сечат речните текови на најпогодни места на клисурите и сатеските); − речни ерозивни проширувања; − тектонски ровови и – полиња. Тие имаат различна: територијална разместеност, големина и надморска височина. Котлините обично се разместени по композитните долини на реките. Одејќи од север кон југ се: Славишка, Кочанска, Пијанечка (Делчевска), Малешевска (Беровска), Радовишка и Струмичка Котлина. На запад од претходните котлини, кон Повардарието се уште Кумановската, Овчеполската и Лакавичката Котлина. Сите овие котлини, по нивното настанување биле исполнети со езера, кои се исушиле пред милион години. Денес врз акумулираните езерски наноси се развиле плодни почви, на кои се најбогатите обработливи површини. Кањоните и клисурите секогаш и секаде се предмет на воодушевување. Изреката дека природата е најдобриот уметник се потврдува повторно и повторно преку убавината на кањоните. Тесните, длабоки долини издлабени од реките во текот на долги години предизвикуваат восхит ширум светот. И Македонија има убави кањони.
