домаАВАНТУРИЗАМАванТуризам - Илин Камен, Вртена Скала и локалитетот Јудови Ливади

АванТуризам – Илин Камен, Вртена Скала и локалитетот Јудови Ливади

„Илин Камен“ е локалитет кај с. Ѕвегор, на левата (северна) страна од патот кон Бугарија, на околу 200m оддалеченост од патот. Тоа е карпест блок висок околу 2 m, со мал отвор во средишниот дел настанат со ерозија. Според легендите, во времето на Османлиите во близина живеела некоја убава девојка Илина, која посакала да се скамени само да не ја грабнат тираните. Така настанал Илин Камен. Поради верувањата во моќта на каменот, овде доаѓаат многу неротки кои се протнуваат низ отворот во карпата.Освен легендите за ова место, секој занемува и од прекрасната недопрена природа која го краси овој простор. Така, веднаш под патот кај Илин Камен е манастирот „Св. Илија“ со прекрасна околина покрај Ѕвегорска Река, а во околината има повеќе археолошки остатоци. Самиот локалитет „Илин Камен“ е уреден за посета и располага со одличен панорамски видик.

„Вртена Скала“ е карпеста форма со впечатлив изглед, висока околу 5 m. Се наоѓа 4 km источно од Пехчево, во пазувите на Буковик, на десната долинска страна на Пехчевска Река. Низ средишниот дел на карпата има тесен отвор, долг околу 2 m. Кај месното население постои верување дека протнувањето низ карпата им помага на жените кои немаат деца да добијат пород, а на малите деца им помага од несоница и немир. Протнувањето се изведува со посебен ритуал. Обично се избира човек кој ја води жената кај вртената скала, во присуство на нејзиниот маж и други блиски роднини. Тој човек помага на жената да се протне низ отворот на скалата од едниот до другиот крај. Потоа до карпата се остават дарови и пари. Тука, на лице место, жената го дарува човекот што помагал. На тој начин тој човек станува побратим на жената и секоја година на тој ден жената со фамилијата оди на гости кај побратимот со дарови и јадења. Ова верување е распространето не само во Малешевијата туку и пошироко во Пијанец и Кочанско. Заради интересот за посета, до Вртена Скала води обележана патека, а просторот околу карпата е уреден и обезбеден.

Локалитетот „Јудови Ливади“ е оддалечен 2 km североисточно од Пехчево, во подножјето на Буковик (1723 m), на околу 1100-1200 m надморска височина. Се одликува со единствена флора на територијата на општина Пехчево и пошироко. Имено, на тресетиштата и влажните ливади на овој простор се развива инсектојадното растение муволовка (Drosera rotundifolia) кое многу ретко се среќава на територијата на Република Македонија, но и на Балканот. Растението се храни со инсекти кои се привлечени од неговата светлоцрвена боја и трепките облеани со капки на слатка и леплива супстанција. Преку исхраната со инсекти, муволовката ги надоместува нитратите и други хранливи соединенија кои не може да ги обезбеди од почвата. Растителните екстракти покажуваат големо антивоспалително и антиспазматично дејство. Покрај муволовката, на локалитетот се присутни значајни растителни заедници со многу ограничено распространување во останатите делови на Република Македонија. Локалитетот „Јудови Ливади“ е единствено наоѓалиште во Македонија на реткиот и реликтен вид тврдокрилец Pterostrichus apfelbecki кој има ареал на распространување по влажни живеалишта во Европа и Мала Азија. Вилинските коњчиња се претставени со неколку широко-распространети видови. Присутни се и неколку видови водоземци и влекачи. До локалитетот Јудови Ливади води солидна пешачка и велосипедска патека која тргнува од Пехчево. Со оглед на малата оддалеченост од градот, ќе ви бидат потребни најмногу половина час за да го посетите локалитетот и да ја видите сета природна раскош во него. Патеката на биодиверзитетот во Делчево е од едукативен карактер.

Ден 18 април 2025

00:01:17