Македонија крие многу природни убавини, кои изгледаат како места од бајките. Во оваа магија спаѓаат и водопадите, едни од најфасцинантните природни убавини, кои природата најчесто ги крие од очите на јавноста. Во Македонија, планините покриваат над 80% од површината, што ја прави земјата дом на повеќе од 150 водопади.
Гратчевски Водопад — водопад сместен на планината Осогово, по течението на Велика Река, на околу 1 км од езерото Гратче. Во 1958 година, на Велика Река била изградена помошна брана од камени блокови којашто имала за цел да го спречи наглиот проток на водата до месноста Рамна Скала, каде што се градела главната брана. Со надоаѓањето на гранки, камења и земја, помошната брана започнала да се полни со почва, па со тек на време се создал водопад. Водопадот е висок 12 м и е оддалечен околу 1 км од вливот на Велика Река во езерото Гратче.
Сипковски водопади – Пехчево Овие седум водопади се сместени во густата борова и букова шума во пехчевскиот дел на Малешевските Планини кај изворите на Брегалница. Само два од нив и припаѓаат на Брегалница, а другите пет се наоѓаат на нејзините притоки Црн Дол, Жолтачка Река и Сипковски Андак. Водопадите се лоцирани во месноста Валевичка Река, а до нив се изградени пешачки патеки кои ги сечат рекичките со малечки мовчиња, патокази, дрвени колиби и клупи за посетителите.
Водопад Длабока Река – Кораб Кањонот на Длабока Река влегува во составот на национален парк „Маврово“ и во 1952 година е прогласен за строго заштитено подрачје. Изворите на Длабока Река се наоѓаат на околу 2500 метри надморска висина, веднаш под врвот Мал Кораб, а во горниот тек на реката е формиран прекрасен водопад, кој со висина од околу 130 метри, е највисок во Македонија. Најдобриот период за посета е во текот на месеците јуни и јули, тогаш снегот не претставува голема пречка, а поради неговото топење, водопадот има најмногу вода. Патеката до водопадот оди по течението на реката, претежно низ шумски предел со импровизирани премини преку реката.
