ГЛОБОЧИЦА
Глобочица езеро, е македонско вештачко езеро на реката Црн Дрим. Се наоѓа на околу 20 км северозападно од Струга, а изградено е во 1965 година. Селото се наоѓа на западните падини на Караорман, на брегот на езерото Глобочица. Преку езерото, жителите на некогашна Глобочица веќе две децении создаваат нов живот во новоизградената населба создавана со бројни работни акции кои на мештаните им го јакнат чувството на заедништво, а на населбата ѝ даваат лик кој плени. Долго време селото беше заборавено. Имаше една останата куќа, но по доста години се појавија ентузијасти кои сакаат да го обноват селото. Прво почна со спомен плоча за паднатите борци од Илинден и НОБ, па се изгради скромен водовод. На тој начин се постави некаков темел за обнова на селото. Сè се одвиваше бавно, но почнаа да се градат куќи и денеска има над 40. Пред повеќе од 20 години тие го обновија и манастирот „Св. Антониј“ до кој води уредена шумска патека. Пред неколку години почна иницијативата за возобновување на црквата „Св. Илија“, која е потоната. Езерото е единствениот пат до селото, а благодарение на единствениот сплав успеале да изградат куќи, цркви… Повторно да стават основа на ново животно поглавје. Црквата Св. Антониј е главната селска црква во струшкото село Глобочица. Црквата е осветена на 18 јули 1993 година од страна на Митрополитот Брегалнички г. Стефан по одобрение на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Црква Св. Илија е потопена црква која се наоѓа на дното на вештачкото езеро Глобочица. Црквата постоела се до 1965 година, кога била изградена браната и со тоа црквата била потопена. Нејзиниот градител, младиот Марко, на влезната порта, пред околу 600 години оставил отпечаток од неговата дланка и рекол: Оваа црква нека биде вечна и нека постои сè додека не се најде човек што ќе има поголема рака од мојава за да ја поклопи. Црквата неколку децении од нејзиното потопување, е недопрена, освен што има мали оштетувања на покривната конструкција. Нејзината внатрешност била изложена на поголемо пропаѓање, но иконите и другите црковни реквизити, пред да биде потопена, биле пренесени во црквата „Свети Ѓорѓи“ во Струга . Во време кога водата во вештачкото езеро опаѓа, еден дел од црквата се појавува на површината, најчесто покривот. Кога езерската вода е бистра, дел од црквата добро се гледа.
