Се смета дека после Рила, Шар Планина претставува планина најбогата со леднички езера на Балканскиот Полуостров. Вкупно на планинскиот масив регистрирани се 39 вакви езера, 25 постојани и 14 повремени, а на територијата на Република Македонија ги има 19. Сите се наоѓаат во појасот помеѓу 1820 и 2440 метри н.м.в. и нивниот постанок во целост е врзан за периодот на глацијација и интерглацијација. Со повлекувањето и топењето на мразниците предните делови на цирковите се оградуваат со моренски материјал, додека пукнатините и малите понори со нанос од палеозојски шкрилци и други материјали. Така водата од топењето на мразниците се заезерува, а тука притекува и околната изворска вода како и водата од снежно потекло од повисоките делови на циркот.
Боговињско Езеро: Езерото се наоѓа меѓу Бриставец и Мала Смрека на 1.960 m надморска вицина и спаѓа во групата на валовски акумулациони езера. Долго е 452 метри, широко 225 метри и длабоко 2,20 метри. Должината на бреговата линија му изнесува 1200 метри, а површината 66880 m² со што претставува најголемо ледничко езеро во Република Македонија. Во текот на сончевите летни денови водата се загрева до околу 15°C, а во текот на зимата езерото е под мраз.
