Бродска Клисура , клисура на реката Треска што се протега помеѓу с. Преглово во Кичевската Котлина и градот Македонски Брод. Долга е 7,5 км и всечена е меѓу планините Песјак од север и Бушева Планина од југ. Тлото е составено од шкрилци создадени во палеозоикот. Двете страни на клисурата се прилично стрмни, што ја прави многу погодна за изградба на вештачко езеро.
Велешка Клисура ,клисура на реката Вардар, што се наоѓа во средишниот дел од течението на реката, непосредно до градот Велес по кој го добила и името. Клисурата е долга околу 8 километри и е составена од ниски тревнати ридови со каменести и карпести врвови. Велешката Клисура започнува на самата градска периферија на градот Велес, а завршува во непосредна близина северно од велешкото село Кочилари. Таа го надополнува композитниот карактер на долината на реката Вардар како 3 негова клисура (броено од изворот) и ја одделува малата Велешка Котлина од Тиквешката Котлина. На почетокот на клисурата од нејзината десната страна се наоѓа комплекс од повеќе помали и поголеми православни црковни храмови, од кои најголем е манастирот Свети Димитрија. Низ Велешката Клисура поминуваат меѓународната железничка пруга Скопје – Гевгелија – Солун и регионалниот (стариот) пат Велес – Градско.
