БОГОМИЛА
Селото се наоѓа во областа Азот, во источниот дел на територијата на Општина Чашка, во изворишното сливно подрачје на реката Бабуна. Од градот Велес е оддалечено 46 километри, а од градот Прилеп е оддалечено 48 километри. Селото е поврзано со железничката пруга Велес-Битола. Богомила, иако е ридско село, сепак, лежи на алувијална рамнина на реката Бабуна, на надморска височина од 510 метри. До неа е изграден локален второстепен пат од мостот на реката Бабуна кај селото Извор. Оваа ридско – планинска населба има извонредно пријатна микроклима и претставува вистинска оаза за одмор на сите оние кои сакаат да избегаат од градскиот метеж. Името на селото првпат е споменато како „Богомила“ во 1337 година. Нејзиното име потекнува од општествено-филозофското движење наречено богомилство, кое било започнато од попот Богомил уште во првата половина на X век и од овие краишта се раширило низ целиот Балкан и Западна Европа. Во Богомила има две цркви, повеќе манастири и свети води. Првата е Горна Црква, потекнува од XIII век. Црквата Св. Илија Чудотворец својот патрон го слави секоја година на 2 август. Втората, Долна Црква, изградена е во 1837 година Св. Атанасиј својот патрон го слави на 31 јануари. Покрај овие две цркви се наоѓа и манастирот Манастир „Св. Спас“, кој особено е значаен како туристички објект. Се наоѓа на надморска височина од 550 метри. Изграден е во 1996 година. Покрај манастирот, изградени се и конаци. Во конаците има четири соби со по три кревети, кујна со трпезарија и бања со WC. Во близината на Богомила се наоѓа и манастирот Св. Ѓорѓија, на надморска височина од околу 800 метри и обиколен со висока букова шума. Во 1948 година, Драги Ѓорѓиевски–Чабгаја ја донел првата фудбалска топка во Богомила и предизвикал своевидна револуција. Веќе во 1958 година, во Богомила биле регистрирани два фудбалски клуба. Првиот бил ФК „Партизан“, создаден во 1952 година, а вториот бил ФК „Бабуна“, создаден во 1958 година.
