Беровско Езеро или Ратевско Езеро — вештачко езеро во Малешевијата, непосредно до селото Ратево, односно гратчето Берово чии имиња ги носи напоредно. Езерото се наоѓа по течението на Клепалска река, во непосредна близина на Берово, односно на 7 км оддалеченост. Поради релативната висока надморска висина околу езерото температурите во лето во просек се движат од 23°С до 25°С, додека во ноќите температурата се спушта и до 12°С. Поради поволната местоположба, чистата и недопрена природа покрај езерото се изградени голем број на туристички капацитети. Најголем е туристичкиот комплекс „Малешево“, потоа хотелот „Манастир“, кој има 40 кревети, и во „Ловниот дом“ во месноста Јуовец, кој располага само со десетина легла. Најнова градба е современиот туристички комплекс на туристичката агенција „Аурора“. Во атрактивните излетнички места Абланица и Суви Лаки може да се ноќева само во приватните вили и викендички. Поради големиот туристички развој на езерото од страна на локалната самоуправа Берово и владата на Република Македонија, обезбедена е проектна документација со која се дава техничко решение за прифаќање на фекални отпадни води со главен и секундарни колектори, како и техничко – технолошко решение за третман на отпадните води во пречистителна станица. Имено, покрај Беровското Езеро постојат изградени или се планираат да се изградат викендички од кои фекалната канализација се пушта слободно да тече по површината и истата понирајќи стигнува до водите на Беровско Езеро кои се користат за водоснабдување на Берово и околните села и за наводнување на земјоделски површини.
Гратче или Кочанско Езеро (месно познато како Браната) — вештачко езеро сместено во подножјето на Осоговските Планини, на местото на некогашното село Долно Гратче, оддалечено околу 6 км северно од Кочани. Браната е изградена на Кочанска Река во 1959 година и претставува армиранобетонска брана со височина од 29 м, должина на круната од 145 м, ширина на мостот од 0,8 м и ширина на основата од 6 м. Со атмосферските врнежи, езерото годишно во просек добива вода од околу 383.000 м3. Браната има целокупна зафатнина од околу 2.250.000 м3, а водата се користи за наводнување и индустриски цели. На мостот на браната е поставена спомен-плоча во чест на изградбата на браната. Езерото Гратче има и туристичко-рекреативен карактер, со градот Кочани е поврзано по асфалтен пат, а на неговиот брег има неколку објекти со угостителски карактер и хотел. На северната страна на езерото, на самиот спој на Мала и Велика Река се наоѓа археолошкото наоѓалиште Долно Градиште. Околу езерото постојат планинарски пешачки патеки коишто овозможуваат да се заобиколи, а на оддалеченост од околу 1 км по течението на Велика Река се наоѓа Гратчевскиот Водопад којшто настанал со изградба на помошна брана на тоа место. Во повисоките делови од планината има видиковец, а од езерото има патека и до споменикот „Мактеон“.
