домаДАЛИ ЗНАЕТЕ?Дали знаете? - Ичко Македонец и Горенечки мост

Дали знаете? – Ичко Македонец и Горенечки мост

Ичко Македонец или „чок акал’лија“, /турски збор што значи многу умен/ пристигнал во договореното време, како претставник на Караѓорѓе, во Истанбул. Тој зборувал германски, српски, руски, турски и грчки јазик, а роден бил во Воден. Султанот на своите најдоверливи луѓе им рекол после дваесетина дена, без оглед како ќе одат преговорите, да го отрујат Ичко и кај странските претставници веднаш да прошират вест дека човекот што дошол изгледал блед како да носи некоја скриена болештина во себе. Минало месец и пол, Султанот повторно ги собрал свои луѓе и ги прашал, зошто сѐ уште не го отруле каурот? Тие му рекле дека е премногу претпазлив, но, наскоро ќе го отстранат. Султанот сугерирал да му стават отров во јадењето. На ова добил одговор дека Ичко јаде само варени јајца, сам си ги купува, сам ги вари, сам ги лупи и веднаш ги јаде, пие само вода која ја купува од случајни продавачи. Тогаш Султанот се согласил да се склучи мир и така е постигнат таканаречен Ичков мир. Во српската традиција ова е извртено и е претворено во чокалија, а употребата на тој збор е за Македонците.

Kон крајот на 60-ите години кога започна да се полни вештачката акумулација на Дебарското Eзеро, бидејќи Гореничкиот мост, по кој минувал познатиот пат Виа Игнација, беше под заштита на Заводот за заштита на културно историските споменици, неговите камења беа дислоцирани со цел тој повторно да се изгради над реката Радика во делот на областа Долна Река. Но, тоа не се случи. По демонтирањето конструкцијата и камењата беа лоцирани во еден објект во близина на Бошков Мост. Потоа имаше одложување на подолг период а камењата како што врвеше времето исчезнуваа. Добар дел од тие камења завршија во изградба на авлиски ѕидови во некои дебарски населби. Интересно е да се каже дека Горенечки мост како објект сеуште е на листата на заштитените културно историски споменици.

Ден 18 април 2025

00:01:17